08.06.2012, 12:18 За Балканот патот кон ЕУ ќе биде потежок
На 1 јули 2013 година Хрватска ќе стане 28 земја членка на Европската Унија, со што таа по Словенија ќе биде втората држава произлезена од земјите од поранешна Југославија која ќе се интегрира во Европската Унија. На конференција во „Домот на Европа“, на која присуствуаа претставници на дипломатскиот кор во Париз, професори на универзитети, научници и студенти кои работат на проблематиката на земјите од Балканот, се размислуваше посебно за европската иднина на Србија, Црна Гора и Македонија.
На конференцијата домаќин беше „Домот на Европа“ во Париз чиј претседател е поранешниот генерален секретар на Советот на Европа, Катрин Лалумиер, за време на чиј мандат започна процеот на европската интеграција на овие земји.
Ив Томиќ, еден од специјалистите за Балканот и заменик претседател на „Здружението за Балкански студии“ и организатор на средбата за европската иднина на овие земји, вели дека сега постојат повеќе дименизии околу прашањето на европската интеграција на овие земји.
„Тука се внатрешните проблеми на Европската Унија, кои се се поголеми и се со економска природа, поради должничката криза која ја погоди Грција, но и Шпанија и Италија. Сега се поставува јасно прашањето дали Европа ќе ја преживее кризата. А треба да се земе предвид и дека ситуацијата во секоја земја од Балканот е различна.“
Според Томиќ, по изборот на Николиќ за претседател на Србија сигурно дека ќе бидат погодени и добрососедските односи. Тој го поставува и прашањето зошто Македонија не може да извлече полза од актуелната грчка криза, за да напредне во процесот на евроинтеграциите.
„Имаме една земја која е многу ослабена и која не е во позиција да го наметнува своето гледиште во однос на македонското прашање, но очигледно е дека на тоа прашање се гледа едногласно во Грција. А од друга страна, Европската Унија ја користи кризата за да не наметне решение. За Македонците ова е непроценлива прилика за да напреднат во решавањето на проблемот со името на земјата, но очигледно Европа не сака да додаде нов извор на тензии во Грција“.
Жозеф Крулиќ, автор на повеќе книги за историјата на Балканот, се обиде да објасни зошто пресудата на Меѓународниот суд на правдата не придонесе за да се напредне во процесот на евроатлантските интеграции на Македонија.
„Тоа е поради повеќе причини, бидејќи мислењата на Меѓународниот суд на правдата не се доволно јасни во однос на правото на Европската Унија. Тоа е мислење на орган на Обединетите Нации, додека ЕУ е одделна структура. Од друга страна, Грција, дури и да ја напушти еврозоната, сака и најверојатно ќе остане членка на ЕУ, а сегашните договори на ЕУ и‘ дозволуваат како и на сите други земји членки да го блокира влегувањето на нова земја членка, во случајот Македонија.“
Крулиќ е на мислење и дека грчката должничка криза и искуството на Европската Унија со приемот на Романија и Бугарија во Европската Унија сигурно ќе го забави процесот на проширувањето по приемот на Хрватска.
„Тоа е проблемот на ’лошото однесување’, како случајот со Романија и Бугарија, што како последица има зголемено следење на земјите кандидати. Хрватска е многу повеќе контролирана, бидејќи последните земји кои влегоа во ЕУ и по влегувањето имаа проблеми со корупцијата и другите критериуми за членство во ЕУ. Унгарија, на пример, забележа назадување во однос на критериумите од Копенхаген, сега е тешко да биде исклучена. Но фактот дека сега веќе не се сакаат нови ’Унгарии, Романии или Бугарии’ во ЕУ, ги прави новите кандидати уште посомнителни на планот на корупцијата“.
Оптимистички звучеше заклучокот на крајот од конференцијата на Катрин Лалумиер, според која сите земји кои јасно ја имаат избрано идејата на европските вредности, треба да бидат дел од таа Европа. (Дојче веле)
|