06.06.2012, 09:37 Собранието треба да гласа за ребалансот на Буџетот за 2012
Согласно Деловникот за работа се очекува тој да биде донесен во текот на денешниот ден
Собранието на Република Македонија денеска треба да ја заврши расправата и да гласа за ребалансот на Буџетот за 2012 година. Согласно Деловникот за работа се очекува тој да биде донесен во текот на денешниот ден.
Ребалансот на Буџетот според предлагачот е навремена и адекватна реакција на Владата на актуелните трендови во економијата кои се последица на кризата во Европа. Со него се зачувува фискалната дисциплина, високо ниво на капитални инвестиции од 20 проценти, не се намалуваат платите, пензиите, социјалните помошти и субвенциите во земјоделството.
На приходната страна извршено е ревидирање на иницијално планираните приходи и нивно намалување за 7,218 милијарди денари, односно за 4,6 отсто. На расходната страна, извршено е ревидирање на планираните расходи за 7,531 милијарди денари, или 4,5 отсто во однос на иницијално планираниот износ. Притоа, опфатени се сите Министерства и буџетски корисници без исклучок.
Со ребалансот се предвидува намалување на расходите за стоки и услуги за околу 1,453 милиони денари, или 8,4 отсто, што опфаќа кратење кај сите расходи кои можат да бидат намалени, а да не го загрозат функционирањето на државната управа како што се расходите за патувања во земјата и странство, трошоци за телефони, договорни услуги, трошоци за репрезентација... Потоа намалување на тековните трансфери од околу 1 отсто, односно 950 милиони денари кои како што се планирани ќе обезбедат да продолжи редовната и навремена исплата на пензиите, надоместоци на невработените лица, исплата на здравствени услуги од ФЗОМ на јавните здравствени установи, а обезбедени се и средства за редовна исплата на стипендиите за учениците и студентите, како и нормално функционирање на дејностите во културата. Субвенциите во земјоделството и програмата за рурален развој остануваат во непроменет износ од 130 милиони евра. Намалувањето на капиталните расходи изнесува 5,572 милијарди денари, со што тие и натаму ќе бидат повисоки од ланските за 20 отсто. Предвидено е намалување пред се кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација, со тоа што износите на намалувањата се прецизно утврдени и нема да ги нарушат активностите за реализација на проектите, ниту нивното навремено финансирање.
Буџетскиот дефицит, како основно фискално сидро е задржан на исто ниво од 2,5 отсто од БДП, односно 12,135 милијарди денари, што е основен показател на дисциплинирана фискалната политика. Покривањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надво��ешниот долг, ќе се обезбедат од домашни и странски извори на финансирање. Во рамките на домашниот пазар, ќе продолжат политиките на емисија на долгорочни хартии од вредност со рок од 1, 3 и 5 години, со цел продлабочување на пазарот и збогатување на спектарот на инструменти.
Со Ребалансот се обезбедува одржување на капиталните инвестиции на високо ниво кое е за 20 отсто над оствареното во 2011 година, при истовремено одржување на социјалната компонента на буџетот. Во таа насока, со Ребалансот не се намалени платите, пензиите, социјалните помошти и субвенциите за земјоделците.
|