06.06.2012, 09:56 Премиерот Груевски во посета на Финска
Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски денеска ќе престојува во Финска, каде ќе има средба со финскиот претседател Саули Ниинисто
Предвидено е Груевски да се сретне со членовите на Комисијата за надворешни работи на финскиот Парламент, а ќе ги презентира и можностите за инвестирање во Македонија на бизнис форум со заинтересирани фински компании што го организира Финската асоцијација за надворешна трговија.
Владината делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Христијан Делев, вчера во Хелсинки присуствуваше на вечера што во нејзина чест ја приреди амбасадорот на Канада во Република Финска Кристофер Шапраданов, кој по потекло е Македонец. На вечерата присуствувале и претставници на неколку големи фински компании.
Делегацијата во Хелсински замина по посетата на Шведска, каде за време на дводневниот престој премиерот Груевски имаше разговори со претседателот на шведскиот Парламент Пер Вестерберг, премиерот Фредрик Рајнфилд, како и со министерот за трговија Ева Бјорлинг и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет Улф Берг. На средбите во Стокхолм станало збор за билатералната соработка, македонските аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, како и за напредокот што Македонија го направи во однос на креирање добра бизнис клима. Тој се обрати и пред 60-ина бизнисмени кои ги запозна со предностите за правење бизнис во Македонија.
Од Финска, владиниот економски тим треба да замине за Копенхаген каде македонскиот премиер ќе се сретне со премиерот на Кралството Данска Хелен Шмит, со претседателот на Парламентот Могенс Ликетофт, како и со претседателот на „Данск индустри“, Ди Карстен Дибвад.
|