01.06.2012, 16:46 Прв пораз за Сан Антонио по 20 победи
Оклахома славеше над спарси со 102:82 и намали на 2:1 во финалето на Западната конференција
Оклахома славеше на домашен терен над Сан Антонио со 102:82 и намали на 2:1 во финалето на Западната конференција во НБА плеј-офот. За спарси ова е прв пораз по 50 дена и 20 победи во низа.
Клучни за победата на тандерси беа вториот и третиот период во мечот. На четири минути до истекот на претпоследната четвртина тие имаа плус 20 (68:48), залиха што ја задржаа и по последното огласување на сирената.
"Клуч за нашата победа беше играта во одбрана. Конечно, одигравме како што прилега на меч во разигрувањето за титулата", рече Скот Брукс, тренер на Оклахома.
Тоа дека Оклахома беше подобар противник во сите елементи на кошаркарската игра призна и неговиот колега во спротивниот табор, Грег Попович.
"Моите играчи прикажаа скромна партија и овој пат не беа на нивото од претходните два натпревара", дополни Попович.
Најдобар поединец во екипатана Оклахома беше Кевин Дурант со 22 коша, 4 скока и 5 асистенции, Сефолоша додаде 19, Џејмс Харден го заврши дуелот со 15 поени, Ибака уфрли 14. Тони Паркер и Стивен Џексон постигнаа по 16 коша и беа први стрелци кај спарси.
|