02.06.2012, 11:45 Богат викенд на „Оф-фест“
Во Македонската опера и балет во 20 часот вечерва настапуваат француската вокалистка Летиша Садие и построкерите „Тортоиз“ од Чикаго.
Групи и артисти од Турција, Франција и од САД ќе го одбележат викендов на „Оф-фест“. Во Македонската опера и балет во 20 часот вечерва настапува турското дуо Еркан Огур/Дерија Туркан, а по нив следува настапот на македонскиот квартет на Драган Даутовски. В недела, пак, се концертите на француската вокалистка Летиша Садие и на построкерите „Тортоиз“ од Чикаго.
Композиторот и гитаристот Еркан Огур и виолинистот Дерија Туркан се мошне познат музички тандем не само во Турција, туку во светот. Ова не е обично инструментално дуо. Освен што нивната интенција е да ја продолжат звучната традиција на нивната земја и да ја врамат во современиот живот, тие се препознатливи и по тоа што Огур во 1970-тите години ја измислува гитарата без прагови за да може да ги искористи сите нејзини технички потенцијали, да ги изведува турските мелодиски скали т.н. маками, кои ги користат и некои македонски музичари и групи, додека Туркан се смета за еден од најславните виртуози на малата турска виолина наречена кеменче. Нивната музика ја следи турската традиција, но, сепак, во себе содржи силен авторски печат.
Македонскиот мултиинструменталист Драган Даутовски, кој ќе настапи со неговиот квартет, вели дека за него е огромно задоволство да настапува на „Оф-фест“, особено што е во иста вечер со турското дуо. Затоа, вели тој, внимателно го подготвувал репертоарот од нови и некои постари теми со кои вечерва ќе се претстави пред домашната публика.
Летиша Садие во Скопје доаѓа сама. Препознатлива е по својот интересен, необичен вокал, и особено како дел од француско-англискиот построк-бенд „Стереолаб“ формиран во Лондон во 1990-тите години каде што свиреше и синтисајзер, а свири и на удиралки, гитара и тромбон. Но, таа големо внимание посветува на текстовите кои ги опишуваат како „левичарски“ и тие беа клучен елемент и во музиката на „Стереолаб“, кој важеше за еден од најоригиналните независни бендови на 1990-тите. Садие соработува со плејада на музичари, а во 2010 година го издава соло-албумот „The Trip“.
„Тортоиз“ е бенд што направи своевидна револуција во звукот. Овие момци од Чикаго, кои се сметаат за кумови на т.н. построк-звук, се формираа во доцните осумдесетти години на минатиот век и во својата музика ја инкорпорираат чикашката џез-сцена, драм енд бејс ритамот, даб звукот, но користат и многу експерименти. Беа еден од првите инди-бендови што создадоа албум на ремикси. Но, и денес, како и во времето кога се појавија, „Тортоиз“ се еден од најуникатните бендови, бидејќи навистина умешно ја спојува жанровската различност и ја соединува во единствен звук. (Т.И.)
|