29.05.2012, 14:19 „Оф-фест“ продолжува да носи музика од сите континенти
Од 1 до 5 јуни, седум концерти на групи и артисти од Куба, Турција, Франција, САД, Африка и Македонија, ќе го одбележат 11-от „Оф фест“
Хуан Де Маркос Гонзалес, еден од највлијателните кубански музичари, во придружба на популарниот оркестар „Афро-кубан ол старс“, во петок во Универзалната сала ќе го отвори единаесеттото издание на фестивалот „Оф-фест“. Седум концерти содржани во четири дена, групи и артисти од Куба, Турција, Франција, САД, Африка и Македонија, од 1 до 5 јуни ќе го одбележат годинашниот фестивал кој, како што соопшти неговиот директор Оливер Белопета на вчерашната прес-конференција, продолжува да ја опфаќа музиката од сите континенти.
„Со идејата да ја презентираме т.н. ворлд мјузик сцена, продолжуваме и годинава. Досега, во изминатите десет изданија опфативме музика од сите континенти. Секако, на овој фестивал нудиме и т.н. мејнстрим музика, алтернативни влијателни бендови“, рече Белопета, кој додаде дека најголемата ѕвезда годинава на „Оф-фест“ е токму Хуан Де Маркос Гонзалес со чиј концерт ќе почне фестивалот, клучниот човек за формирањето на легендарната „Буена Виста Сошл Клаб“.
Освен концертот на отворањето, останатите настани ќе се одржат на сцената во Македонската опера и балет. На 2 јуни, публиката ќе има можност да присуствува на концертите на познатиот тандем од Турција, композиторот и гитаристот Еркан Огур и еден од најславните виртуози на малата турска виолина наречена кеменче, Дериа Туркан, како и на концертот на македонскиот мултиинструменталист Драган Даутовски кој ќе настапи со неговиот Квартет. Вечерта на 3 јуни настапува француската вокалистка Летиша Садие, една од основачите на познатиот алтернативен бенд „Стереолаб“ формиран во 90-тите во Лондон, како и кумовите на т.н. пост-рок звук, „Тортоиз“ од Чикаго. Последната вечер, 5 јуни, е резервирана за концертот на македонскиот џез-гитарист Тони Китановски и оркестарот „Черкези“ кога ќе го промовираат новиот албум „Шукар“, како и за концертот на пустинските рокери од Мали, „Тамикрест“.
Фестивалот и годинава ја продолжува традицијата да претстави и домашни групи. „Секоја година се обидуваме да го претставиме и најдоброто од Македонија. Нашето искуство покажува дека настапите на македонските музичари на ’Оф-фест‘ им помаг��ат и за нивна меѓународна афирмација, и покрај тоа што голем дел од нив веќе го поминале светот со своите концерти“, рече Белопета.
Драган Даутовски истакна дека со голема возбуда ја прифатил понудата да настапи на „Оф-фест“, особено што ќе концертира во иста вечер со тандемот од Турција. „Затоа многу внимателно го подготвувам репертоарот“, рече Даутовски. Тој ги најави концертите на Квартетот во Кина што ќе се случат во септември. За Тони Китановски, пак, настапот дома е најдобар од многу аспекти. „Свириме секаде во светот, но дома, пред позната публика е најдобро, но и најодговорно. Возбудливо е да се свири на ’Оф-фест‘, затоа што ова е фестивал со високо реноме, ова е сцена на која настапуваат врвни музичари“, рече Китановски.
Билетите за „Оф-фест“ се продаваат во Универзална сала, МОБ, Југотон и на www.kupikarti.com.mk. (Т.И.)
|