31.05.2012, 10:58 „Оф-фест“ почнува со Хуан де Маркос Гонзалес
Еден од највлијателните кубански музичари, во придружба на популарниот оркестар „Афро-кубан ол старс“ во петок во 20 часот ќе настапи во Универзална сала
Хуан де Маркос Гонзалес, еден од највлијателните кубански музичари, во придружба на популарниот оркестар „Афро-кубан ол старс“ утре во Универзална сала во 20 часот, ќе го отвори единаесеттото издание на фестивалот „Оф-фест“.
Седум концерти содржани во четири дена, групи и артисти од Куба, Турција, Франција, САД, Африка и Македонија, од 1 до 5 јуни ќе го одбележат годинашниот фестивал кој, како што соопшти неговиот директор Оливер Белопета на прес-конференција, продолжува да ја опфаќа музиката од сите континенти.
„Со идејата да ја презентираме т.н. ворлд мјузик сцена, продолжуваме и годинава. Досега, во изминатите десет изданија, опфативме музика од сите континенти. Секако, на овој фестивал нудиме и т.н. мејнстрим музика, алтернативни влијателни бендови“, рече Белопета, кој додаде дека најголемата ѕвезда годинава на „Оф-фест“ е токму Хуан де Маркос Гонзалес со чиј концерт ќе почне фестивалот, клучниот човек за формирањето на легендарната „Буена Виста сошл клаб“.
Хуан де Маркос Гонзалес ја стекна популарноста особено со групата „Буена Виста сошл клаб“, а во Скопје доаѓа во придружба на популарниот кубански оркестар „Афро-кубан ол старс“, кој својата музика, пред се', ја базира на кубанските разновидни звучни изрази, мелодии и ритми. За овој состав критиката и публиката се едногласни дека тој создава незаборавни концерти со пулсирачки ритми, дувачка секција која како да доаѓа од рајот и пеколно добри вокали. Групата во изминативе две децении игра водечка улога во светот на кубанската музика, а собено се издвојуваат албумите објавени за етикетата „World Circuit“.
Хуан де Маркос Гонзалес е клучен човек за формирањето на легендарната „Буена Виста сошл клаб“, иако во филмот на Вим Вендерс се споменува повеќе името на Рај Кудер како главен „виновник“ за тоа. Но, Гонзалес е тој што ќе го иницира овој проект кој подоцна ќе стане светски популарен и ќе ја промовира кубанската звучна традиција. Во тоа време, Гонзалес ќе биде водечки аранжер и лидер на кубанскиот состав „Сиера маестра“. Негова ќе биде идејата да ги собере кубанските музичари од различни генерации во проектот „Афро-кубан ол старс“, а во таа приказна шефот на издавачката куќа „World Circuit“, Ник Голд, ќе го вклучи и Кудер, па така ќе настанат два извонредни состава. Како и да е, македонската публика ќе има можност да ужива во најинтересните кубански мелодии, меѓу нив и оние од златниот период на кубанската музика. (Т.И.)
|