30.05.2012, 12:52 Анкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ со највисок рејтинг
ВМРО-ДПМНЕ и натаму има највисок рејтинг меѓу политичките партии, а нејзиниот лидер и актуелен премиер Никола Груевски е најпопуларен политичар, покажува најновото истражување на Инстутутот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).
На прашањето „За која партија би гласале доколку парламентарните избори би се одржале следната недела“, 23,1 процент од испитаниците одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, 14,9 за СДСМ, 6,7 за ДУИ, 4,2 за ДПА, 1,8 за НДП, 1,1 за ЛДП и 0,5 проценти за ВМРО-НП. Најголем дел од анкетираните, односно 30,6 проценти одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 15,7 проценти не би гласале за ниедна партија.
Најголем дел од испитаниците, односно 23,5 отсто би го избрале Никола Груевски како иден премиер, 8 проценти - Бранко Црвенковски, 6,3 проценти - Али Ахмети, 2,7 - Мендух Тачи, 2,3 - Руфи Османи, 2 - Радмила Шекеринска, 1,4 - Арбен Џафери и 1,2 проценти - Љубчо Георгиевски. Најголем процент, односно 29 проценти не знаат кого би го избрале за иден премиер, 15,6 проценти не би избрале ниеден, а 8 проценти би избрале друг.
Анкетираните, односно 45 проценти од нив, исто така сметаат дека опозицијата не би ја добила довербата на мнозинството граѓани на следните парламентарни избори, а 25,10 проценти одговориле потврдно. 29,90 проценти се изјасниле дека не знаат дали опозицијата би ја добила довербата на следните парламентарни избори.
Прашани на која партија би ја дале довербата да ја води економијата во Македонија, 30,5 проценти се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, 10 проценти за СДСМ, 7,7 проценти за ДУИ и 3,3 проценти за ДПА. Доверба во ниту една партија немаат 28,9 отсто, а 17,6 отсто се изјасниле дека не знаат.
Телефонската анкета е спроведена во периодот од 25 до 29 мај и со неа биле опфатени 1.111 испитаници.
|