05.06.2012, 12:01 Хитовите на „Ролинг Стоунс“, „Полис“ и „Квин“ со Македонската филхармонија
На 20 јуни во Градскиот парк ќе се одржи петтото издание на проектот „Види музика, слушни слика, добиј книга“
Петтото издание на мултимедијалниот проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“, во организација на Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, ќе се одржи на 20 јуни под отворено небо во Градскиот парк во Скопје со почеток во 21 часот. Годинава, под диригентската палка на гостинот од Велика Британија, Тимоти Редмонд, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски рок-концерт, односно ќе изведува популарни рок-нумери аранжирани за симфониски оркестар. Посетителите ќе имаат можност ов��ј пат да ги слушнат хитовите кои ги одбележаа 1980-тите и 1990-тите години, на групи како „Ролинг Стоунс“, „Полис“, „Лед Цепелин“, „Квин“, но и на Тина Тарнер, Ерик Клептон, Мајкл Џексон.
Од Македонската филхармонија велат дека овој настан, насловен „Рок Симфони“, ќе биде фантастично и ретко доживување. Големите сликарски платна, пак, годинава ќе ги исполнат ликовните уметници Горјан Георгиев и Невзат Бејтули-Кица. Сегментот „Добиј книга“, пак, ќе го одбележи делото „Снег“ на Максанс Фермин, од кое на присутната публика ќе и бидат поделени 20 илјади бесплатни примероци. (Т.И.)
|