05.06.2012, 13:09 Данска шанса на генерацијата
Младата фудбалска репрезентација денеска во Олборг го игра решавачкиот дуел во квалификациите за ЕП 2013
Сашко Ѓ. Димовски
„Нордиске арена“ во Олборг е местото каде нашата млада фудбалска репрезентација денеска (14.30 ч.) го игра решавачкиот дуел во квалификациите за Европското првенство во 2013 година во Израел. Противник е селекцијата на Данска против која е потребна победа или во најмала рака нерешен исход за одржување на какви-такви шанси за второто место во групата што води до бараж двомеч како последен филтер до континенталниот самит.
Момчињата на Бобан Бабунски се доведоа во незавидна ситуација настрана завидната серија од 16 меча без пораз. Но, таквата низа ќе биде залудна за оваа генерација млади играчи при евентуален пораз од нивните дански врсници. Во позиција во која од еден меч им зависи целиот циклус, барем кога е пласманот во групата зад лидерот Србија во прашање, мора да одиграат најдобро што знаат и умеат. Потребно е да надвладеат мотив, дисциплина и психолошка стабилност на тревникот, да се надминат себеси, да покажат присебност во одбраната и во завршницата на нападите и, секако, да покажат дека знаат да погодат во вистинско време и на вистинско место. Тоа се коцкичките што треба да се вклопат во денешниот мозаик на македонскиот тим за фудбалери до 21 година по петочното реми (1:1) во Торшавн кај аутсајдерот Фарски острови.
Македонија моментно е втора во групата со 9 бода, еден повеќе од Данска, но и меч повеќе од денешниот ривал. Во досегашните пет средби остварени се две победи (обете како домаќини) и три нерешени исходи (два како домаќини и еден на гости). Три бода се освоија во дуелите со Фарски острови (1:0) и со Северна Ирска (1:0), по бод впишавме против Србија (1:1) и Данска (1:1) и во последниот натпревар кај Фарски острови. До крајот на квалификациите на надежите им остануваат уште две пресметки на гостински терен, кај Северна Ирска и кај Србија во последното коло. Двете најдобри селекции од секоја група ќе обезбедат место во бараж фазата, а победниците од седумте двојки ќе се придружат на репрезентацијата на Израел на завршниот турнир догодина.
|