04.06.2012, 14:52 Бостон израмни со Мајами по продолжението
Селтикси го искористија домашниот терен, славеа со 93:91 и изедначија на 2:2 во финалето на Истокот
Финалната серија и во Источната конференција од НБА-лигата стана интересна. Бостон максимално ја искористи предноста на домашниот терен, во четвртата средба по продолжението го доби Мајами со 93:91 и изедначи на 2:2 во победи.
„Во нападот бевме доста ефикасни. Морам да признаам дека имавме и повеќе среќа и во завршницата успеавме да ги сопреме“, вели Ражон Рондо, кој во дополнителните пет минути одлично се снајде.
Селтикси имаа шанса прашањето за победникот да го решат во основниот дел, бидејќи до средината на третата четвртина имаа двоцифрена предност, но не успеаја да ја сочуваат. На сцена стапија Леброн Џејмс и Двејн Вејд, кои беа креатори на серијата од 15:2 за минимална негатива од 72:74. Целосниот кам-бек го направи „кралот Џејмс“, кој со тројката 37 секунди до крајот избори 89:89 и продолжение, а таму се играше крајно неефикасно. Двата тима вкупно постигнаа шест поени, а благодарение на последните три коша на Рондо и непрецизниот обид на Вејд во последната секунда, Бостон дојде до втората победа во серија.
„Имав одличен поглед кон кошот, отворена линија, но топката, едноставно, не сакаше да влезе“, изјави по средбата Вејд.
Пол Пирс, кој излезе од игра поради шест лични грешки, со 23 поени беше најефикасен, а зад него со 17 коша и 14 скока беше Кевин Гарнет. На другата страна Џејмс зебележа 29 поени, а Вејд застана на 20.
Финалната серија на Истокот се сели во Флорида, а петтиот натпревар е закажан за утревечер.
|