04.06.2012, 19:48 Камбовски: МАНУ ќе се подмлади
Како што изјави претседателот на МАНУ, д-р Владо Камбовски, се очекува денеска да заврши изборната седница
Денеска ќе се објават новите академици. Како што изјави претседателот на МАНУ, д-р Владо Камбовски, се очекува денеска да заврши изборната седница на Академијата, која започна вчера. Но, она што беше големо изненадување за сите е изјавата дека на ова Изборно собрание, на кое се пријавени 40 кандидати, ќе бидат избрани само четворица нови членови на најстарата научна институција во државава.
Покрај тоа, професорот Камбовски најави и дека оваа година Македонската академија ќе се подмлади, па очекувањата и нагаѓањата станаа уште поголеми. Инаку, вчера по првиот дел, кој траеше до пладневните часови и по изјавата на претседателот Камбовски, Изборното собрание продолжи со работа. Според правилата за избор, академик може да стане оној кандидат што ќе добие најмалку 21 глас, односно мнозинство гласови. Изборот се врши со разгледување на нивните рецензии, мислења, трудови, кои веќе еден месец беа изложени во архивот на Академијата.
Редовни членови на МАНУ досега беа 41 академик, а на секои три години составот се проширува со нови членови. „Македонската академија нема законска рамка за максимален број членови, како што е тоа во повеќето земји, односно има отсуство од нумерус клаузус,“ изјави претседателот Камбовски. Тој додаде дека, најверојатно, ќе се примат нови четворица-петмина кандидати, бидејќи Академијата не може повеќе да издржи, а и тоа е нејзината просечна бројка, од 40 до 45 члена уште откога постои.
Како друга карактеристика специфична за овој избор е и огромната заинтересираност, односно 40 кандидати за четири места, колку што се очекува. Интересно е дека изминатите избори беа во знак на четворица, петмина или најмногу осуммина пријавени кандидати. А годинава се очекува да опадне и високиот старосен просек кој важеше за заштитен знак на МАНУ. „Академијата ги следи тековите на новото време и на еден начин се реорганизира“, изјави вчера за медиумите претседателот Камбовски.
Според билтенот на МАНУ, најмногу кандидати, 11 се уметници, а најмалку, четворица кандидати, се пријавени од природно-математичките и биотехничките науки, додека по осуммина кандидати има за општествените науки и за лингвистика и литература. Петмина кандидати има за медицинските и за техничките науки. Процедурата за прием на нови членови започна пред два месеца откако девет од 34 членови добија преодни оценки од членовите на шесте одделенија на Академијата. Во билтенот во три тома беа објавени образложенијата за кандидатите распределени по одделенија и записниците од одделенијата кој кандидат со колку гласа е поддржан. (Д.Л.) |