04.04.2012, 18:08 Глобалист
Конан варваринот во Кочани
Љупчо Поповски
На „македонските полиња на смртта“ не гинат луѓе, но на нив гине вистината и чесноста, разумот, почитувањето и скромноста. Овде само заблудата дава среќа, а никако знаењето
Забележувате како се поместуваат границите? Она што вчера беше овде, денес е заборавено, она што изгледаше незамисливо станува секојдневје, она на кое некогаш му се радувавме станува мрачен предмет на страв кој сугерира безусловна почит. Политичкиот вокабулар ги оцртува „македонските полиња на смртта“, на кои не гинат луѓе, но на кои гине вистината и чесноста, разумот, почитувањето и скромноста.
„Утрински весник“ ќе му даде пофалница на главниот пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ако успее да најде барем една слична реченица на шефот на комуникациите на која била европска партија како онаа што тој ја изговори на прес-конференцијата во вторникот околу акцијата „Детонатор“: „Во моменти кога граѓаните на Кочани, Виница, Крива Паланка и цел Исток слават, а граѓаните од цела Македонија ја поздравуваат оваа акција, СДСМ не успеа да ја надрасне својата завист и своето голо критизерство и не кажа ниту еден позитивен збор за целата акција“.
Што е ова – го славиме ли ние влегувањето на ослободителните војски во окупираните градови, како што среќните граѓани фрлаа цвеќиња врз американските, советските, британските, а и македонските војници кога ги ослободуваа поробените земји од нацистичката чизма? Или, пак, пропагандата не' убедува дека нашата земја се ослободила од внатрешниот непријател (како во 1930-тите години во Москва). Да не славеа жителите во францускиот град Тулуз кога полицијата успеа да го убие човекот-ѕвер кој стрелаше и во деца. Или, пак, партијата на Никола Саркози, на еден месец пред драматичните претседателски избори, ги обвини социјалистичките противници дека не и' се израдувале на акцијата на полицијата која за неколку дена го откри убиецот и потоа го елиминира. Јавноста таму поставуваше многу прашања, а главниот столб што ги држеше сите тие прашања беше – што правела полицијата дотогаш, зошто не успеала да го открие екстремниот милитант.
Илија Димовски, како што рече тој на прес-конференцијата, „всушност, и не е ни битен“ (мала парафраза). Битно било што „СДСМ секогаш бил на спротивната страна на законот“. Оваа политичка реторика е само видливиот врв на големата санта мраз која плови низ Македонија (една друга опозициска ледена карпа слободно се движи де ваму де таму, онака како што ја носи водата). Политиката и животот во оваа напатена држава станаа незамисливо секојдневје – без агенда, со мрачна иднина, во која треба да се колнеме во безнадежната беда, во која само заблудата дава среќа, а никако знаењето.
Во таа држава опозицијата ќе дава објаснувања дека настаните во Кочани се „всушност, борба во ВМРО-ДПМНЕ за превласт врз приватните агенции за обезбедување“. Зарем на тоа се сведе опозицискиот дискурс за оваа акција која предизвика мал земјотрес – на приватните агенции за обезбедување. Како што владејачките структури знаат да бидат пристрасни, па дури и свирепи како покојната Инквизиција, така опозициските првенци (кои со судни маки се обидуваат да понудат алтернатива за сегашново владеење што во овој момент нема алтернатива) се безнадежно загубени во споредните објаснувања и прашања.
Градоначалниците на Кочани и на Виница креваат раменици и велат дека не знаеле што се случува во нивните градови – не излегувале навечер во кафулињата и дискотеките. Ним никој не им се пожалил за насилство и тортура, како што објаснува првиот човек на Кочани, Ратко Димитровски. Според нив, граѓаните сами си се суделе меѓу нив. Па, како раководат тие со нивните градови ако биле загубени во фотелјите, ако не добивале никакви информации од надлежните органи, како што тврдат. Сега се радуваат на полициската акција како тинејџери кои добиле дозвола да прават весела журка со гласна музика. Тогаш, на што се сведува нивното раководење со градовите, ако не на обезбедување мирен и просперитетен живот на нивните жители?
Основното прашање – зошто полицијата со години го толерирала однесувањето на насилниците со дебели вратови, зошто не се обидела тоа да го сосече кога почнало да станува очигледно (Кочани и Виница се мали градови, секој знае што се случува во нив) и зошто градоначалниците се плашеле да испорачаат такви барања до врвовите на полиција – го објаснува целиот систем на функционирањето и на државата и на општините. Молчи додека тоа некој уште го толерира. Кога ќе ја помине границата друг нека ја преземе одговорноста.
Кога приведените беа испрашувани во полициските станици, унгарскиот министер за надворешни работи, Јанош Мартоњи, беше во Скопје. Додека тој објаснуваше како Унгарија нема да го покрене прашањето за членство на Македонија во НАТО ако нема решение за името, претседателот на неговата држава, Пал Шмит, ја објавуваше оставката затоа што бил откриен дека пред 20 години препишал страници и страници од неговиот докторат за историјата на Олимписките игри. Елизабета Кузмановска, сопруга на еден од приведените, која е пратеничка и чии изјави во Собранието веќе се на врвот на рубриката „Бисери на годината“, јавно се дистанцира од мажот со кого го дели домот. И таа ништо не знаела за криминалот што го правел нејзиниот сопруг – тие и ништо не зборувале додека ручале, додека гледале телевизија, додека оделе на одмор. Каква неволја дојде одненадеж за неа – зарем сега треба да поднесува оставка кога веќе се навикна на собраниската говорница. Што има врска тој Пал Шмит (со чие пријателство се гордееше нашиот претседател на државата) со нашите работи – ако препишувал нека си даде оставка, но ако брачниот другар бил длабоко вмешан во криминал, тоа не е причина во овој момент да се замине од политиката.
Тоа е најдобрата улога на нашите политичари – и кога криминалот е во нивната брачна постела, тие се однесуваат како случајно да се нашле во неа. И време е за поместување на границите уште една милја понатаму. Доаѓањето на полициските специјалци во Кочани добива карактеристики како да се појавил Конан варваринот во неговата мисија да ги ослободи заблудените поданици во царството на злото. Тие, всушност, и не знаеле колку е злобно тоа зло. Така и Елизабета Кузмановска не знаела дека злото било во нејзиниот дом. А и во владејачката партија не знаеле дека најблиските луѓе на нивни пратеници биле дел од тој синџир на стравот. Но, знаеле дека некои од приведените се сликале со Бранко Црвенковски и тоа е елегантно објавено на нивните блиски веб-портали. Ако се сликале со демонот од опозицијата е грев рамен за инквизиторски случај, но ако биле браќа или сопрузи на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е мало морално потклекнување. Мало, дури и безначајно.
Ова не е само „пресметка кај О.К. Кочани“, како што убаво напиша Ерол Ризаов во овој весник пред два дена, туку е и пресметка со нашата совест, со нашата перцепција, со нашиот здрав разум. Во оваа река без враќање работите ги поминаа драматичните граници. Секој месец одиме по една милја понатаму и кога ќе дојдеме до работ, сами ќе се фрлиме во бездната и ќе врескаме колку сме биле слободни. |