10.04.2012, 17:11 Американците „Филаданко“ го затвораат „Танц-фест“
Публиката во Македонската опера и балет во 20 часот ќе има можност да види четири различни кореографии, на авторите Кристофер Хагинс, Милтон Маерс и Џавол Вила Џо Золар
Со гостувањето на американската танцова компанија „Филаданко“, вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот се затвора годинашното, осмо издание на фестивалот за современ балет „Танц-фест“. Публиката ќе има можност да види четири различни кореографии, на авторите Кристофер Хагинс, Милтон Маерс и Џавол Вила Џо Золар.
Делото „Памук“ на Хагинс се занимава со премисата за надминување на сопствените граници, додека „Концерт за виолина“ на Маерс е предводено од артикулирани движења на прекрасниот Концерт за виолина од американскиот претставник на музичкиот минимализам, Филип Глас. „Во стилот на фанкот“, пак, на Золар, е нов перформанс што ја претставува енергијата и култур��та на фанк-музиката, се игра на музика на познатата фанк-група „Парламент Фанкаделик“, а е направен по повод 40 години од постоењето на „Филаданко“. Кореографијата „Непријател зад портите“ на Хагинс за крајот на американското танцово доживување е перформанс инспириран од непријателите што живеат во нашата средина, а се игра на музика од познатиот минималист Стив Рајх.
Танцова компанија од САД прв пат се претставува во рамките на „Танц-фест“. (Т.И.) |