12.04.2012, 11:59 Потпишана Спогодбата за соработка меѓу царините на Македонија и Азербејџан
Потпишана Спогодба за соработка и заемна помош по царински прашања меѓу царинските управи на Македонија и Азербејџан. Спогодбата ја потпишаа директорот на Царината Ванчо Каргов и генералниот директор на Државниот комитет за царина на Азербејџан, Ајдин Алиев во Баку во рамки на Годишниот состанок на директорите на Царинските управи од европскиот регион на Светската царинска организација (СЦО).
Со оваа Спогодба се промовира соработка помеѓу двете царински служби и се создава правна рамка за заедничка и конструктивна соработка на полето на олеснувањето и развојот на трговијата и транспортот, заемната размена на стручна, научна и техничка помош за подобрување и воведување повисоки стандарди во царинското работење, како и превенција и сузбивање на прекуграничниот криминал и царинските измами.
На годишниот состанок на директорите на Царинските управи од европскиот регион присуствуваат директори на 52 царински служби од земји од Европа и Азија и генералниот секретар на СЦО, каде се разгледуваат актуелни теми за развојот на Царината во 21 век, и активностите на СЦО во насока на справување со предизвиците кои стојат пред царинските служби од европскиот регион. Директорот на Царинската управа на Република Македонија, Ванчо Каргов го претстави значењео и постигнатиот напредокот на полето на примената на современа информатичко-комуникациска технологија за подобрување на работењето (ефикасноста) на македонската царина. Претставени се и достигнувањата и плановите во примената на информатичко-комуникациска технологија, како алатка во царинското работење. Примената на оваа технологија во Република Македонија е во согласност со светските стандарди и пракса и дава голем придонес за олеснување на трговијата, поедноставување и забрзување на царинските постапки, како и спречување и откривање на повредата на прописите при увоз, извоз и транзит на стоки.
|