12.04.2012, 11:09 Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на 6 мај
Грчкиот премиер Лукас Пападимос синоќа објави дека предвремените парламентарни избор во земјата ќе се одржат на 6 мај.
Распишувањето на предвремените избори следи откако коалициската Влада на Пападимос ги усвои строгите економски реформи неопходни за избегнување на банкрот на земјата.
- Исполнивме една тешка задача и изборот, што ќе го направиме, ќе го одреди патот на Грција во следната деценија, изјави синоќа Пападимос во обраќање до нацијата преку државната телевизија.
Обраќањето на Пападимос уследи по неговата средба со грчкиот претседател Каролос Папуљас, од кого официјално побара да ги закаже предвремените избори 18 месеци пред истекот на мандатот на Парламентот.
Грција е на половина од едно тешко патување и без жртви земјата не може да биде извлечена од кризата, истакна Пападимос во обраќањето.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги исполнува своите функции до изборите, за да обезбеди непречено извршување на реформите прифатени од Парламентот.
Премиерот истакна дека спроведувањето на структурните реформи не може да се одложи за по изборите. Според грчките медиуми, меѓу прашањата што не трпат одлагање се докапитализацијата на грчките банки и на пензиските фондови.
Последните анкети покажуваат значително намалување на поддршката на гласачите за девете најголеми партии ПАСОК и Нова демократија, кои учествуваат во владиниот Кабинет на Пападимос, што е знак дека ниту една од нив нема да успее да освои мнозинство на изборите и самостојно да формира влада.
|