11.04.2012, 15:01 Втора победа на Бостон над Мајами за 10 дена
Селтиски славеа и на Флорида со 115:107, Чикаго му се реваншира на Њујорк за поразот во неделата (98:86)
Втора радост на кошаркарите на Бостон во дуелите со Мајами во само 10 дена. На гостувањето на Флорида селтикси го совладаа источниот шампион во НБА-лигата со 115:107. Шутираа со 60,6 отсто прецизност од игра, имаа резултатска контрола врз најголем дел од натпреварот и не му дозволија на противникот да ја поништи нивната позитива во финишот.
„Ни требаше време. Ја достигнавме формата во најдобар момент“, изјави Рондо, кој по 18. пат едноподруго забележа двоцифрен број асистенции (15) што е најдолга таква низа по онаа на Џон Стоктон од 1992 година. Мечот го заврши со 18 поени, Пол Пирс додаде 27, а Кевин Гарнет уфрли 24, но загуби и девет топки. И повторно ги натскокаа „жешките“ (40-34). Бостон имаше и повеќе поени од контранапади од Мајами чиј лидер беше Леброн Џејмс со 36 коша, 7 асистенции и исто толку скокови.
Чикаго му се реваншира на Њујорк за поразот во неделата. Булси славеа со 98:86, а во отсуство на Дерик Роуз конците во свои раце го презеде Ричард Хамилтон. Постигна 20 поени (18 во третата четвртина) со поддршка од Луол Денг, кој впиша статистика со дабл-дабл ефект (19 коша, 10 скока).
„Не' натскокаа. Не' добија под кошевите. Имав само два скока. Морам подобро од тоа“, признава Кармело Ентони.
Играчите на Чикаго остварија вкупно 18 офанзивни скока, реализираа 25 поени од втор напад и поделија 27 асистенции. Прв човек во составот на ниски беше Ентони со 29 поени, 5 асистенции, но тој и соиграчите загубија 16 топки и со овој пораз паднаа на осмата позиција во Источната конференција, откако Филаделфија триумфира против Њу Џерси (107:88).
Резултати: Вашингтон - Орландо 93:85, Мајами - Бостон 107:115, Кливленд - Шарлот 103:90, Њу Џерси - Филаделфија 88:107, Далас - Сакраменто 110:100, Чикаго - Њујорк 98:86.
|