11.04.2012, 12:35 Гвардиола му ја посвети победата на Абидал
Додека траеше операцијата, соиграчите на Абидал на „Камп Ноу“ забележаа победа над Гетафе од 4:0 со која му се доближија на вечниот ривал Реал Мадрид на само еден бод
Доцна синоќа на францускиот дефанзивец на Барселона Ерик Абидал му беше извршена повеќечасовната сложена операција за трансплантација на црниот дроб. Претставници на Клиничката болница во Барселона, каде бил изведен 9-часовниот хируршки зафат, соопштија дека се минало во најдобар ред и дека Абидал закрепнува на одделението за интензивна нега.
Додека траеше операцијата соиграчите на Абидал на „Камп Ноу“ забележаа победа над Гетафе од 4:0 (Санчез 2, Меси и Педро) со која му се доближија на вечниот ривал Реал Мадрид на само еден бод. Значајната победа тренерот Гвардиола му ја посвети на дефанзивецот, на кого поддршка му дадоа многубројни фанови на трибините.
- Знаеме дека операцијата трае цел ден и едвај ги чекаме вестите дека се поминало во ред. Ќе мора да почекаме во следните 48 часови за да видиме како се развива целата ситуација. Следните денови ќе бидат клучни. Имаме верба во Абидал – изјави Гвардиола.
Оперативниот зафат започнал вчера на пладне и траел се до полноќ. Во првата фаза која траела три часа бил отстранет дел од црниот дроб на неговиот братучед Жерар, кој е донор, а веднаш потоа, од 15 часот започнала втората фаза на трансплантацијата кај Абидал.
|