12.04.2012, 18:05 Викторија Абрил гостинка на Скопскиот филмски фестивал
Фестивалот ќе биде затворен на 27. април со македонска премиера на филмот на Теона Стругар-Митевска „Жената што си ги избриша солзите“
Американскиот филм „Вознемирен“ на режисерот Гас ван Сант на 19 април во кино „Милениум“ ќе го отвори 15. Скопски филмски фестивал, кој ќе биде затворен на 27-ми месецов со македонска премиера на филмот на Теона Стругар-Митевска „Жената што си ги избриша солзите“. На проекцијата ќе присуствува и главната улога во филмот - шпанската ѕвезда Викторија Абрил.
Покрај славната Абрил, гости на 15. СФФ ќе бидат и дел од екипите на црногорскиот филм „Поглавје“, во кој игра македонскиот актер Владо Јовановски, и од српскиот филм „Жучко: Приказна за Радивој Корач“ на режисерот Гордан Матиќ.
Викторија Абрил специјално за премиерата ќе допатува од Франција и ќе остане до 29 април. Продуцентката на филмот Лабина Митевска на прес-конференцијата рече дека е почестена што филмот ќе го затвори Скопскиот филмски фестивал.
- Ние авторите имаме должност да соработуваме со фестивалите, а и тие со нас, за да ја промовираме најновата македонска продукција, рече Митевска.
„Жената што си ги избриша солзите“ (копродукција на Германија, Македонија, Белгија и Словенија) светската премиера ја имаше на годинашното Берлинале во програмата „Панорама специјал“. На затворањето на СФФ ќе биде прикажан во два термина - во 20 и 22.30 часот. Ден по скопската премиера, филмот ќе има проекција и во Битола, во присуство на филмската екипа, а од 1 мај ќе биде дистрибуиран во кината низ Македонија. На репертоарот во „Милениум“ ќе биде три седмици.
Директорот на СФФ Иво Антов денеска на прес-конференција рече дека во деветте фестивалски дена на скопската публика ќе и бидат понудени највпечатливите филмови од минатата година, кои беа во селекциите на големите фестивали во Кан, Венција, Карлови Вари, Торонто. Тие се распоредени во главна програма, програма на авторски филм, гала-проекции и документарна програма.
- Чудо е 15 години филмски фестивал во град во кој полека ги снемува кината. Девет дена ќе има набиена филмска програма, одлични авторски филмови, на кој круната или кремот ќе биде најновиот филм на Теона, рече Антов.
|