13.04.2012, 10:08 Северна Кореја неуспешно ја лансираше спорната ракета
Северна Кореја денеска соопшти дека сателитот што го лансирала „не успеал да влезе во орбитата“. Јужнокорејски и јапонски официјални лица претходно потврдија дека севернокорејската балистичка ракета која носела метеоролошки сателит се распаднала набрзо по лансирањето денеска наутро по локално време.
Ракетата Унха-3 беше лансирана од западниот брег на државата во близина на границата со Кина.
Јапонскиот министер за одбрана Наоки Танака изјави дека ракетата била во воздух една минута пред да се урне во водите на океанот и не погодила јапонска територија.
Портпарол на МО на Јужна Кореја наведе дека лансирањето било неуспешно бидејќи ракетата неколку минути по лансирањето се распаднала.
Лансирањето севернокорејска ракета предизвика меѓународни критики поради стравување дека тоа може да ги унапреди можностите на таа држава да направи интерконтинетална ракета способна да носи нуклеарна боева глава.
Советот за безбедност на ОН ја повика Северна Кореја да не истрелува ракети со голем дострел, изјави денеска во Москва рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
- Во резолуција на СБ се содржат конкретни повици - да не се преземаат чекори за лансирање, нагласи тој. Според него, тоа е заеднички став на државите вклучени во преговорите за нуклеарната програма на Северна Кореја.
|