12.04.2012, 10:30 Филхармонија ги носи звуците на Виетнам
Првпат на македонската сцена ќе прозвучат дела од виетнамски композитори
Тина Иванова
„Музика од Истокот - звуци од Виетнам“ е насловот на концертот што ќе го одржи Македонската филхармонија вечерва во Домот на армијата. Редовен термин за симфониските концерти на оваа институција, но редок настан за нашиот концертен подиум, кој ќе го донесе егзотичниот и ориентален звучен манир на виетнамската традиција. Под диригентство на маестро Ле Фи Фи од Виетнам, кој долги години живее и работи во Македонија, публиката ќе има можност да слушне дела од виетнамските композитори Чан Мањ Хунг („Херојскиот дух на Тханг Лонг“), Тхиеу Хоа Нгуиен („Тханг Лонг илјада години обединување“), Данг Хју Фук („Пицикато Виетнам“), Те Зан Нгуиен („Желба“) и Ле Хоанг Ван (Симфониска поема „Бронзено кале“), во кои силно се чувствуваат фолклорните елементи, ориенталните хармонии и ритми. Првпат во Македонија како солист ќе настапи истакнатиот виетнамски музичар Те Зан Нгуиен, кој ќе свири на традиционалниот инструмент ерху.
Виетнамската музичка традиција е дел од поширокиот културен контекст на индокинескиот регион, носејќи ги во себе одликите не само на сопствената автохтона култура, туку и на повеќевековните традиции на Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Многубројните автентични инструменти, како и фолклорната традиција се вткаени во музичката историја на Виетнам, а во изминатите два века и во авторската музика која е во постојан подем.
Симфониската музика на виетнамските композитори е тесно поврзана со традиционалниот музички идиом, нагласувајќи ги традиционалните интонации и ритми, употребувајќи автентични инструменти, како дел од симфонискиот оркестар.
Инаку, традиционалниот инструмент ерху, на кој ќе свири Те Зан Нгуиен, кој наедно е и композитор и заслужен уметник во Виетнам, е двожичен гудачки инструмент кој е присутен во музичките традиции не само на Виетнам, туку и на Кина, Јапонија и на други земји од Далечниот Исток. Овој инструмент се свири со гудало, но не преку жиците (како кај западните инструменти), туку со техника која бара гудалото да е протнато помеѓу жиците.
Те Зан Нгуиен од 1982 година е професор и шеф на катедрата за традиционална музика и водач на ансамблот за традиционални инструменти на Музичката академија во Виетнам. Покрај неговата интерпретаторска вештина, пишува и оригинални дела за традиционални инструменти, оркестрира дела чија основа е виетнамскиот фолклор и се занимава со инвенција на нов инструмент направен од бамбус наречен Кеј Че.
Секое од делата, пак, кои македонската публика ќе има можност да ги слушне в четврток има своја приказна. Симфониската поема „Херојскиот дух на Тхан Лонг“ на композиторот Чан Мањ Хунг, на пример, е посветена на градот Ханој (Тхан Лонг е старото име на овој град, а во буквален превод значи Полетување на змеј), а е пишувана по повод 1.000-годишнината од неговото основање, а исто така и делото „Тхан Лонг - илјада години обединување“ за соло ерху и оркестар на Тхиеу Хоа Нгуиен. Композицијата „Пицикато Виетнам“ на Данг Хју Фук е инспирирана од типично виетнамската музика со име Чео која ја придружува народната театарска форма присутна во Виетнамската традиција од 11 век, додека симфониската поема „Бронзено кале“ на Ле Хоанг Ван е со симболично значење и инспирација која доаѓа од зборовите на првиот виетнамски претседател Хо Ши Мин за името на јужниот дел од земјата кој во војната со САД никогаш нема да биде окупиран. „Бронзено кале“ е една од најзначајните виетнамски симфониски композиции која го нагласува непрегорот на народот во неговите борби против колонизаторите и странските војски. Прв пат делото е изведено во 1965 година, а во 2006 година Виетнамскиот симфониски оркестар го изведува „Бронзено кале“ под диригентската палка на синот на композиторот - Ле Фи Фи.
|