12.04.2012, 19:09 Металург со нови договори за седум ракометари
Ракометниот клуб Металург и во следните две години во своите редови ќе ги има Петар Ангелов, Златко Мојсоски, Велко Марковски, Никола Митревски, Ацо Јоновски, Гоце Георгиевски и Милан Левов
Раководството на клубот и стручниот штаб се задоволни од прикажаните игри сезонава од овие седум играчи и затоа се одлучи да им ги продолжи договорите.
Со неколку странски засилувања и со останатите играчи кои се под договор со Металург, во клубот остануваат амбициите за висок пласман во домашните и меѓународните натпреварувања.
На денешната прес-конференција помошник тренерот Александар Петровски се осврна на постигнатите резултати на клубот во досегашниот тек од сезоната.
- Главните цели, добрата игра и осминафиналето во Лигата на шампионите и пласманот на „фајнл фор“ турнирот во СЕХА лигата се реализирани. Се надеваме на пласман во финалето на завршниот турнир од СЕХА лигата во Загреб. Екипата на Татран Прешов со која ќе играме во полуфиналето е силна и квалитетна, но се надеваме на победа и влез во финалето, а секако и освојување на шампионскиот трофеј во ова регионално натпреварување, истакна Петревски.
Во полуфиналето на СЕХА лигата в сабота од 15 часот и 30 минути во „Загребска Арена“ Металург ќе игра со словачкиот претставник Татран Прешов, а второто полуфинале е од 18 часот во кое ќе играат вториот македонски претставник Вардар ПРО и домаќинот Загреб. Победниците в недела ќе играат во финалето на премиерното издание на Регионалната ракометна лига - СЕХА.
|