10.04.2012, 17:23 Финалето на Купот на 2 мај во Штип
Горазд Михајлов е назначен за нов селектор на женската фудбалска репрезентација на Македонија
Сашко Ѓ. Димовски
Штип ќе биде домаќин на финалниот меч во фудбалскиот куп на Македонија за оваа сезона што ќе се одигра на 2 мај. Вака одлучи управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на последната седница одржана во Прилеп. Градот под Исарот е петтиот во државата што ќе има чест да го промовира освојувачот на трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување. Двапати досега Прилеп беше домаќин на мечот за титулата (Победа - Слога Југомагнат 0:6, Металург - Тетекс 2:0), по еднаш победникот во Купот беше поздравен во Струмица (Цементарница - Победа 1:3) и во Кавадарци (Силекс - Слога Југомагнат 4:1). Сите 15 останати финални мечеви се играа во Скопје.
Место во јубилејното 20. финале во националниот куп што ќе обезбедат ��одобрите од пресметките меѓу Вардар - Ренова и Работнички - Хоризонт Т. Првите полуфинални дуели завршија без победник, па во реваншите во Тетово, односно Турново, на 25 април екипите ќе влезат со 1:1 од воведните 90 полуфинални минути.
Горазд Михајлов е назначен за нов селектор на женската фудбалска репрезентација на Македонија. Тој доаѓа на местото на Добре Димовски, кој беше сменет поради слабите резултати на тимот во квалификациите за Европското првенство. Работата со нашите најдобри фудбалерки во вакуум- периодот, од отказот на Димовски до именувањето на Михајлов, му беше доверена на Благоја Филипоски, кој ја водеше селекцијата на гостувањата во двете последни квалификациски средби во кои забележавме реми во Атина против Грција (1:1) и убедлив пораз во Москва од Русија (0:8).
На седницата на УО беа прифатени измените и дополнувањата на Статутот на ФФМ, а беше утврден и дневниот ред за претстојното редовно генерално Собрание што закажано за 30 април во Охрид. Независна ревизија на работата на ФФМ ќе прави скопската ревизорска куќа „Ревизија Чулева“. Зелено светло од членовите на УО на ФФМ добија и предлог-одлуките за измени и дополнувања на Правилникот за регистрација на фудбалери, за нивен статус и трансфер. |