Бизнисот бара чист простор
Со објавувањето црни листи на газди и на фирми што не работат фер, бизнисмените ќе имаат јасна слика со кого не треба да соработуваат
Соња Маџовска
Со објавувањето црни листи на газди на фирми што не работат фер на пазарот, конечно, ќе се исчисти загадениот економски простор во земјава. Вака изреагираа дел од бизнисмените откако власта објави дека од февруари Централниот регистар ќе ги објавува имињата на фирмите и на сопствениците што намерно отвораат и затвораат фирми за да прават шпекулации и не работат чесно.
На бизнисмените не им е јасно зошто Владата чекала толку време за да го воведе овој информациски систем, за што не се потребни многу финансии, туку само добра организација. Бизнисмените сметаат дека овие информации особено ќе им бидат од корист пред склучување зделка, особено со некоја нова фирма.
Тие бараат ваквиот информациски систем да биде искомбиниран со брзи стечајни и ликвидациски постапки, кои, конечно, ќе го исчистат економскиот простор во земјава. „Фирмите што се во живот да останат и да работат, тие што не можат да опстанат, да згаснат, и тоа брзо.
Ние најчесто знаеме колку фирми се отвориле во земјава, но не знаеме колку се затвориле, најчесто поголемиот дел од нив, иако за нив се водат постапки, вештачки се бројат како постојни.
Тоа се основни индикатори и за мерките што треба да ги преземе власта за подобрување на бизнис-климата во земјата“, вели бизнисменот Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори. Според него, едношалетерскиот систем ефикасно функционира само при отворањето фирми, додека другите постапки се бавни. Стечајот, ликвидацијата се влечкаат со години. Во Централниот регистар има регистрирано околу 130.000 фирми. Од нив, активни се 50.000, и тоа 40.000 приватни и околу 9.000 јавни претпријатија. А над 80.000 фирми се со блокирани сметки. „Ако некој десетпати отворил и затворил фирма, јасно е дека тука има нешто несериозно, и нормално е дека никој нема да сака да соработува со него. Но, има и фирми што легално ги отвораат и ги затвораат фирмите, едноставно, не им тргнал бизнисот и се обидуваат со нов, но има такви што го прават тоа намерно“, вели Чекреџи. Тој смета дека на овој начин ќе се отстранат криминогените постапки на оние фирми што намерно отвораат стечајни постапки.
Сосема спротивен став има Миле Бошков од Здружението на работодавци, кој смета дека оваа одлука за формирање на ваков информациски систем е премногу сурова и ќе ги обележи фирмите и нивните сопственици што згрешиле еднаш, и тие нема да имаат уште една шанса да почнат отпочеток. „Премногу сурова мерка со која ќе се обележат сопствениците на фирми, кои ќе немаат втора шанса да се снајдат повторно на пазарот. Има други мерки за контрола, и покрај тоа што моментно состојбата на пазарот е лоша. Според мене, станува збор за нефер мерка, затоа што веќе постојат Централен, Кредитен и Заложен регистар. Со посебниот информациски систем ќе се обележат оние што веќе имале стечајни постапки, а во некои случаи тоа и не било поради нивна вина. Луѓето можат да се поправат и да работат повторно чесно“, вели Бошков.
Инаку, завчера министерот за економија, Фатмир Бесими, и директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски, најавија дека сопствениците што намерно или со несовесно работење ги фрлиле фирмите во стечај, им ги блокирале сметките или биле осудени за економски криминал ќе се најдат на црна листа. Податоците од регистрите особено ќе бидат корисни за бизнисмените, кои ќе имаат увид во активностите на лицата и на фирмите пред да одлучат да соработуваат со нив. За користење на црната листа ќе се плаќа одреден надомест, исто како и за другите податоци што ги нуди Централниот регистар. Ваквиот едношалтерски систем треба да профункционира кон средината на февруари. Сепак, неизвесно е како и кога ќе постапи Министерството за економија по одлуката на Уставниот суд, со која се укина одредбата во Законот за трговските друштва, со која се пропишува дека директорите и управителите што ќе се најдат на црната листа не смеат да основаат нова фирма ниту да управуваат со ново трговско друштво. (С.М.) |