Коалициски пазарења за фотелјата во Судски совет
Дали наследникот на Грчев ќе се бара меѓу Бесими и Ајро, Зафировска и Сиваков или некој трет - Насер Хаџи Ахметагиќ?
Гордана Дувњак
Врховниот судија Васил Грчев ја поминува последната недела од својот двегодишен претседателски мандат во Судскиот совет и не крие дека едвај чека да се ослободи од овие обврски.Вели дека му е преку глава од менаџирањето,балансирањето меѓу колегите, а уште повеќе од постојаниот интерес на медиумите, со кои, сепак, успеа да воспостави коректни релации во овој турбулентен период за судството.Тоа во голема мерка е резултат на неговиот став дека „не им се лути на новинарите што и да напишат“, но во голема мерка и на искуството од политика, од времето кога беше градоначалник на Струмица предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
Негови последни работни задачи на чело на телото кое, со законските измени во 2006 година, доби големи надлежности околу изборот,напредувањето и разрешувањето на судиите, ќе биде токму оценувањата на работата на над 650 негови колеги од судството. Многумина од нив му се лутат,бидејќи мислат дека можел да направи многу повеќе и да ги разбере спецификите на судството.Некои му забележуваат дека влегол во шемите на министерот за правда,но има и такви кои мислат дека станува збор за принципиелен човек.
Изборот на нов фронтмен на Судскиот совет е закажан точно за една недела, кога и формално истекува мандатот на Грчев.Седницата е веќе закажана за втори февруари, кога ќе се знае кој ќе биде третиот по ред претседател во овој состав.
Кој ќе го замени Грчев на жешкото столче во Судскиот совет,засега,е многу неизвесно. Јавна тајна е дека правото да го изберат „првиот меѓу еднаквите“,нема да се остави на слободен избор на другите 14 членови, туку дека тоа ќе се договори во строго контролирана постапка во партиските штабови. Затоа што местото прв човек на Судскиот совет, не е нималку за потценување и е многу посакувана позиција.И тоа не е случајно! Станува збор за една од најмоќните функции во правосудната хиерархија која концентрира големи овластувања, но е високо позиционирана и во архитектурата на носители на државна власт.Во судските кругови веќе на големо се говори дека местото прв човек на Судскиот совет е ставено во барабанот за распределба на партиски функции.Од пазарењата меѓу владините коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ќе зависи и кој од членовите ќе добие сигнал да влезе во трката за претседател. Актуелниот претседател Васил Грчев важеше за човек со силна вмровска провиниенција, додека неговиот претходник Бекир Исени како близок до двете албански партии.
Како што наближува денот на изборот, така членовите од етничките заедници се' поотворено го искажуваат својот интерес да раководат со оваа институција. Особено кај членовите од албанската етничка заедница, кои ги има четворица на број, од кои барем двајца сметаат дека би можеле да ја водат оваа институција.Еден од нив е тетовецот Башким Бесими, кој во Судскиот совет дојде кон крајот на јули 2009 година од Вишото јавно обвинителство во Гостивар.Неговото претходно искуство како адвокат и во тетовската полиција,сепак, многумина го ставаат во втор план,а како главен критериум го наведуваат тоа што е во блиски семејни врски со министерот за економија Фатмир Бесими и е од исто село со вицепремиерот Адеми. Не помалку амбиции има и судијата Неџат Ајро, кој во Советот дојде на почетокот на 2009 од местото управен судија.Тој претходно работел како судија во битолскиот апелационен суд, адвокат во Струга и како заменик окружен јавен обвинител во Приштина.
Во условно кажано, македонскиот блок,многумина сметаат дека најголеми шанси има истражната судијка Александра Зафировска која ужива силна поддршка кај владејачката партија и е една од најстарите членови по стаж во Советот.Претседателската функција ја посакува и битолскиот апелационен судија Крсте Сиваков, кој ојде во Советот во октомври 2010 година. Постои раширено убедување дека најдобриот избор во овој момент би бил сегашниот заменик, Насер Хаџи-Ахметагиќ.Но, шансите на истражниот судија од скопска единица,сепак,се проценуваат како минимални од три причини: не е човек што така лесно би играл по туѓи ноти (особено политички) и е Бошњак и предложен од експретседателот на државата, Бранко Црвенковски.
Врховниот судија Васил Грчев ќе остане запаметен во својот мандат,прво по тоа што самиот се пријави за функцијата.Во неговиот мандат имаше неколку спорни разрешувања, меѓу кои на скопските апелационите судии Виолета Дума и Владо Џилвиџиев. И тој ,како и целиот судски врв, ја оспори анкетата на ОБСЕ за притисоците врз судиите и смета дека е преценета улогата на министерот Маневски , за кој рече дека не му е местото во Советот, но само неколку дена пред да му заврши мандатот. Не треба да се заборави дека е „автор“ и на легендарната теза дека судството ќе се реформира тогаш кога ќе успее да ги избалансира и да ги изедначи „црвените“ и „сини“ судии.
|