Поглед
Изиграни рекреативци
Деспина Траjковска
Чекај викенд за да спортуваш без пари или моли се за слободен термин, ама да платиш ако сакаш да играш тенис или фудбал од понеделник до петок. Ваква шема на спортување ќе им се наложи на граѓаните од скопски Аеродром доколку сакаат да ги користат игралиштата што им ги (из)гради Агенцијата за млади и спорт заедно со Општината.
Наместо да се спортуваат бесплатно секој ден, тие ќе бидат ограничени во развојот на спортскиот дух, што, всушност, беше намера на Владата со проектот за спортските игралишта. Но, со оваа реалност нема да се соочат само аеродромци, туку сите рекреативци во чии општини се градат владините терени. Чекај викенд или плати за спортски делник, ќе биде реалност и за граѓаните од Зајас, па преку Ранковце се' до корисниците на игралиштата во Чашка и Чешиново-Облешево...
Кај и да е, на терен ќе се докаже дека владините кампањи се сосема спротивни од првичните промоции. Ретко некој заборавил дека на поставување на темелите на сите стотина игралишта низ државава, и АМС и општинарите и владините претставници најавуваа нивно бе��платно и секојдневно користење...
За жал, очигледно, ќе се врати практиката од времето на претходната власт кога и на малкуте изградени спортски терени, сепак, главниот збор го имаа нивните закупци. Наложените „гага“ спортски викенди за граѓаните и неколкуте делнични саати резервирани за училиштата и градинките, ќе бидат незначителни за развој на спортот меѓу младата популација.
Ако Владата на терен истрча со граѓаните, во обложувалниците, очигледно, ќе нема соодветен тип за натпреварот. Не и' гине службено загубен меч за политиката што ја тера со спортските терени. |