Мислења
Операцијата е успешна! А пациентот?
Ден Дончев
Пациентот наречен домашно стопанство ако не егзитирал (починал), полека, но сигурно умира
Трансформацијата во тековната сметка на Република Македонија, која почна во почетокот на 2009 година, е речиси комплетирана. Дефицитот на тековната сметка изнесуваше рекордни 860 милиони евра во 2008 година. Во почетокот на 2009 година ваквиот износ (околу 13 отсто од БДП) претставуваше сериозна закана за стабилноста на денарот. Всушност, девалвацијата на денарот, најверојатно, ќе беше неизбежна доколку Народна банка на Република Македонија не преземеше драконски мерки преку кои драстично се намали денарската парична маса во оптек, а основната каматна стапка се зголеми на околу 10 отсто. Дополнително, НБРМ беше принудена директно да интервенира на девизниот пазар со продажба на околу 600 милиони евра од девизните резерви во периодот од септември 2008 до март 2009 година. Од друга страна, надворешниот девизен долг на Македонија континуирано растеше. Кулминација беше издавањето на скапите еврообврзници во јули 2009 година во вкупен износ од околу 180 милиони евра, со годишна каматна стапка од 10 проценти.
Кумулативниот ефект на овие мерки ја почнаа трансформацијата во тековната сметка. Во 2009 година дефицитот на тековната сметка падна за околу 50 отсто и изнесуваше 450 милиони евра. Ваквиот тренд на опаѓање продолжи и во 2010 година при што, според прелиминарните процени (официјалните податоци за последните два месеца од оваа година се' уште не се објавени од НБРМ), дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 70 милиони евра. Девизните резерви се стабилизираа и денарот беше повторно стабилен. Но, дали оваа трансформација во тековната сметка е класичен пример на „операцијата е успешна, но пациентот починал”?
За потсетување, тековната сметка ги мери сите надворешни трансакции на македонската економија што, всушност, го опфаќа вкупниот извоз, увоз, исплатени дивиденди/добивки и приливи по основа на трансфери и девизни дознаки. Како интегрален дел од економијата, тековната сметка влегува во податоците со кои се мери БДП на државата. И токму анализата на тековната сметка во последниве две години покажува фасцинантна слика за состојбите во домашното стопанство (односно сите домашни производители и фирми што немаат допирни точки со увоз или со извоз).
Движењата во тековната сметка во 2009 година, споредено со 2008 година, покажуваат дека дефицитот се намалил за 410 милиони евра. Ова намалување во 2009 година е составено од поединечните движења во намалениот извоз, намалениот увоз и зголемените девизни дознаки во споредба со истите податоци во 2008 година. Најзаслужен за оваа намалување на дефицитот на тековната сметка се зголемените трансфери и девизни дознаки што во 2009 година се зголемија за 150 милиони евра во споредба со 2008 година. Бидејќи дефицитот на тековната сметка го намалува БДП на државата, намалениот дефицит во 2009 година во споредба со 2008 година де факто резултира во зголемување на БДП за 2009 година. Со други зборови, БДП во 2009 година беше 410 милиони евра поголем како директен резултат од намалениот дефицит на тековната сметка од 410 милиони евра во споредба со претходната 2008 година. Изразено како процент од БДП, намалениот дефицит на тековната сметка од 410 милиони евра, резултираше во зголемување на БДП за 2009 година од околу 6 проценти. Меѓутоа, официјалниот резултат при мерењето на БДП за 2009 година, кои ги опфаќа сите сегменти од економијата (потрошувачката, државниот сектор, инвестиции и тековната сметка) покажа дека македонската економија имаше пад од еден отсто.
Ако позитивните движења во тековната сметка го зголемиле БДП за 6 проценти, а севкупната економија сепак имала пад од 1 процент во 2009 година во споредба со 2008, неминовно значи дека домашната потрошувачка и домашното производство имале вртоглав пад од околу 7 проценти од БДП.
Слична слика излегува на виделина кога ќе се направи анализа на движењето во тековната сметка во 2010 година во споредба со 2009 година. Тековната сметка во 2010 година, споредено со 2009 година, покажуваат дека дефицитот се намалил за околу 375 милиони евра. Оваа намалување во 2010 година исто така е составено од поединечните движења во извозот, увозот и повторно зголемените девизни дознаки во споредба со истите податоци во 2009 година. Најзаслужен за оваа намалување на дефицитот на тековната сметка во 2010 година повторно се зголемените трансфери и девизни дознаки кои оваа година се зголемија за речиси 240 милиони евра во споредба со 2009 година. И повторно, бидејќи дефицитот на тековната сметка го намалува БДП на државата, намалениот дефицит во 2010 година во споредба со 2009 година де факто ќе резултира во зголемување на БДП за 2010 година. Значи, БДП во 2010 година ќе биде 375 милиони евра поголем како директен резултат од намалениот дефицит на тековната сметка од истиот износ во споредба со претходната 2009 година. Изразено како процент од БДП, намалениот дефицит на тековната сметка од 375 милиони евра ќе резултира во зголемување на БДП за 2010 година од околу 5 проценти. Државниот завод за статистика се' уште го нема објавено званичниот резултат на БДП за 2010 година. Но, дури и да се постигне оптимистичката проценка на раст за 2010 година од 2 отсто со која Владата фигурира, оваа би значело дека позитивните движења во тековната сметка го зголемиле БДП за 5 проценти во споредба со 2009 година, а севкупната економија ќе постигне раст од само 2 отсто за 2010 година. Оваа повторно неминовно значи дека домашната потрошувачка, и домашното производство имале пад од околу 3 проценти од БДП.
Операцијата да се намали дефицитот на тековната сметка, а со тоа да се обезбеди стабилноста на денарот како и да се стабилизираат девизните резерви навистина е успешна. Но, како што покажува горната анализа, пациентот наречен домашно стопанство, ако не егзитирал (починал), полека но сигурно умира. Не случајно трансферите и девизните дознаки во последните две години драстично се зголемија. Вкупниот износ на овие трансфери изнесуваше 985 милиони евра во 2008 година, а се зголемени на 1,13 милијарди евра во 2009 година. Тие ќе изнесуваат околу 1,37 милијарди евра во 2010 година. Кумулативното зголемување во последните две години во споредба со 2008 година ќе изнесува најмалку 530 милиони евра.
Настрана од официјалните податоци за БДП, оваа е најголемиот индикатор за вистинската состојба во домашното стопанство, кое е во очајно опаѓање. Затоа се' поголем број граѓани се принудени да одат на привремена работа надвор од Македонија, барајќи го своето парче леб. Парадоксално, зголемените трансфери и девизни дознаки резултираат во статистична позитива при мерењето на севкупното БДП. Но, длабинска анализа на истото не може да скрие поразителен податок дека домашното стопанство и натаму тоне. |