5 минути интервју
Адреналин на ниво на тревога
Ѓорѓи Јолевски - дир. на драмска програма на „Охридско лето“
Јасминка Павловска
Добро утро, Ѓорѓи! Каква ти е состојбата со адреналинот по отворањето на 51. издание на „Охридско лето?“
„Добро утро. Во текот на сите 40 дена додека трае ’Охридско лето’, од 12 јули па до 20 август, адреналинот постојано ми е на ниво на тревога. Но, секогаш по завршувањето на секоја претстава или концерт, кога ќе го видам и ќе го почувствувам задоволството на гледачите, заклучувам дека „адреналинското ниво на тревога“ не било залудно. Такво е чувството и утрово по синоќешното спектакуларно отворање со ’Трилогија Романа’. Но, чувствувам дека повторно влегувам во „состојба на тревога“ за вечерашниот старт на драмската програма, со ’Геноцид 21’ на Драмски театар, според текст на Љубиша Георгиевски, во режија на Владлен Александров. И така ќе биде речиси на секои три дена, како што е приближно динамиката на изведување на театарските претстави на ’Охридско лето’ оваа година“.
Веќе петта година откога си директор на драмската програма на „Охридско лето“. Што е белегот на годинешниот театарски избор?
„Спецификата на драмската програма на 51. издание на ’Охридско лето’ се исклучително квалитетните режисерски имиња, кои слободно можам да ги наречам дека се од светски ранг. Програмата ја отвораме со режисерскиот проект на Владлен Александров, а затворањето на ’Охридско лето’ е со „Медеја“ на Битолскиот народен театар, во режија на Нада Кокотовиќ. Во текот на 40 дена ’Охридско лето’ ќе бидат изведени 10 театарски претстави и 11 изведби, меѓу кои ќе бидат и три македонски премиери: ’Медеја’ на БНТ, ’Свадбата на Фигаро’ на МНТ (режија Леван Цуладзе од Грузија) и ексклузивитетот - премиерата на Народниот театар од Охрид со ’Кабаре мистериозно’ на Дејан Дамјановски. И повторно ќе се навратам на нашиот адут годинава, големите режисери, како што се Александар Морфов од Русија, Александар Ивановски, Маргарита Маладенов од Бугарија, Дамир Златар-Фреј од Хрватска, Андреја Бенгалмо од Италија, Јозеф Наѓ од Србија. И годинава преовладува класиката, но во современ формат“.
Остануваат ли некои мигови за „мирно лето“ во Охрид на Ѓорѓи Јолевски, без пресингот на „Охридско лето?“
„Всушност, јас одамна не барам ’мирно лето’. За 25 години кога учествував како актер на ’Охридско лето’ и овие пет години како директор на драмската програма, релаксација за мене се прошетките со гостите - учесници на Свети Наум, во Трпејца, дискусиите за светскиот театар во сенката на столбовите на Света Софија, со турско кафе кај Жаре или во ресторанот ’Света Софија’. Едноставно, навикнат сум на немирното ’Охридско лето’. |