Мислења
Падот на куќата Мардок
Џонатан Шел
Уредувачката независност е жртвувана во корист на централизирана контрола. Идеологијата стана адут на фактичноста
Во текот на четирите децении откако аферата „Вотергејт“ го проголта американскиот претседател Ричард Никсон, политичарите во повеќе наврати ја игнорираа главната лекција од скандалот: прикривањето е полошо отколку самиот криминал. Како и Никсон, тие платија висока цена за криење на нивните престапи отколку што би платиле за самите дела.
Сега уште еднаш се случува скандал што го прекрши тоа правило: аферата за прислушување на телефони во Обединетото Кралство, која ја потресе британската политика до нејзините темели. Во изминатава деценија таблоидот „Њус оф д’ворлд“, во сопственост на „Њус корпорејшн“ на Руперт Мардок, „упадна“ во говорните сандачиња на 4.000 лица. На оваа листа се наоѓаат не само членови на кралското семејство, познати личности и други ВИП-лица, туку, исто така, и семејства на војници убиени во Авганистан и Ирак и оние на жртвите на терористичкиот напад во Лондон во јули 2005 година.
Сето тоа се разоткри кога „Гардијан“ објави дека таблоидот „упаднал“ во говорното сандаче на исчезнатата 13-годишна Мили Доулер, наводно, во надеж да обезбеди некои приватни искажувања за тагата и очајот на членовите на семејството што би можел да ги искористи за насловната страница. Кога шест месеци подоцна беше пронајдено убиеното тело на девојчето, семејството и полицијата мислеа дека таа можеби е се' уште жива, бидејќи оперативците на „Њус оф д’ворлд“ бришеле пораки кога се наполнило говорното сандаче на нејзиниот телефон. (Според Скотланд јард, хакерите на Мардок, наводно, подмитиле полициски службеници од средно ниво за обезбедување информации).
Во долгите анали на прислушување, сево ова е нешто ново. Дури ниту Сталин не ги прислушувал телефоните на умрените.
Прикривањето е резултат. Џејмс Мардок, син на Руперт, и претседавач и извршен директор на операциите на „Њус корпорешјн“ во Европа и Азија, овласти тајна исплата од еден милион фунти (1,6 милиони долари) за купување на молчењето за прислушувањето на жртвите. Милиони и-мејл пораки од самата организација, наводно, се уништени. Сепак, добро е да се напомене дека необично одвратната нечовечност на првичните дела ќе остане пошокантнa отколку деталите за ова или кое било друго прикривање.
Сепак, политичките последици од скандалот со прислушување телефони ќе зависи многу повеќе од исходот на официјалните истраги, кои сега се во тек во Британија. Пред се', влијанието на скандалот ќе зависи од тоа како власта и граѓаните го оценуваат она што навистина е „Њус корпорејшн“.
Семејството Мардок ја посочува „Њус корпорејшн“ како новинарска компанија. Tаа, пред се', е компанија за забава, каде што мноштвото од нејзините приходи доаѓаат од филмските и од телевизиски холдинзи. Второ, и многу поважно, е тоа што таа е пропагандна машина за десничарски каузи и политички фигури.
„Фокс њус“ е главното лице на „Њус корпорејшн“ во САД, чиј белег е неуморно пропагирање десничарска идеологија. Со оглед на фактот дека политичката пропаганда едно време беше домен на власта и политичките партии, „Фокс њус“ официјално е независен и од двете - иако во огромна мера им служи на интересите на Републиканска партија во Америка.
Во Британија, „Њус корпорешјн“ создава еден вид држава сама по себе, со подмитување на полицијата, преземајќи ги овластувањата на полицијата за набљудување и заплашувајќи ги политичарите што го свртеле погледот на друга страна. Во САД, однесувањето е слично, користејќи ја корпоративната медиумска моќ за вдахнување живот во самостојната политичка организација Ти парти.
Сево ова е далеку од она што треба да го прави една новинска организација. Суштинската улога на новинарството во демократијата е да им овозможи на граѓаните да ги исполнат нивните обврски како граѓани со обезбедување информации за власта, други моќни институции, граѓански движења, меѓународни настани итн. Но, „Њус корпорејшн“ го замени таквото новинарство со возбуда и озборување, како што го стори тоа кога го презеде „Њус оф д’ворлд“, стар 168 години, и го претвори во таблоид во 1984 година и со пристрасни кампањи, како што го направи тоа кога го креираше „Фокс њус“ во 1996 година.
Не е за изненадување, во „Фокс њус“, како и во многу други изданија на „Њус корпорејшн“, уредувачката независност е жртвувана во корист на централизирана контрола. Има мешање во вестите и коментарите со непрекинат тек на политички кампањи. Идеологијата е адут на фактичноста. И големи републикански фигури, вклучувајќи и можни кандидати за претседателска номинација од страна на партијата, се ангажираат како „коментатори“. Всушност, нејзиниот специфичен гениј е да ја претвори пропагандата во популарен и финансиски успех.
Со оглед на профитабилноста на „Њус оф д’ворлд“, никој не треба да биде изненаден ако семејството Мардок го копира достојното за прекор однесување на потонатиот британски „брод“ на друго место. Но, што и да се открие друго, скандалот со прислушување телефони во Велика Британија е дел од Мардоковата трансформација на вестите во пропаганда: и двете рефлектираат напад врз суштинските ѕидови на одвојување меѓу медиумите, државата и политичките партии во една демократија. Семејството Мардок ги фузира овие ентитети во единствена неодговорна моќ која, како што денес видовме во Британија, има недостиг од каква било воздржаност или одговорност.
Тој напор треба да не' натера да се соочиме со непријатната реалност, која лежи и под британскиот скандал со прислушување телефони, со неговата полусенка од запрепастувачка суровост и немилосрдна корупција, и со „Фокс њус“, најпопуларниот информативен канал во Америка: премногу луѓе го сакаат она што го нуди „Њус корпорејшн“. И она што премногу луѓе го сакаат може да биде опасно за цивилизирано општество што се темели на законот.
За да се види колку е тоа опасно, обрнете внимание на Италија каде што конгломератот „Медија сет“ на премиерот Силвио Берлускони заведува огромно мнозинство од електоратот уште од 1980-тите години со комбинација од невкусни вариете програми и пристрасен политички театар слично како Мардок. Кога поствоениот партиски систем во Италија колабираше во почетокот на 1990-тите години, Берлускони беше во можност да формира сопствена политичка партија, да ја освои власта и во текот на три влади да ги приспособува законите и владините институции за да му служат на неговиот бизнис и личните интереси.
„Њус корпорејшн“ изгледа одлучен во намерата да ги поведе Британија и САД по истиот пат. Но сега, барем во Британија, политичката класа е револтирана. Премиерот Дејвид Камерон - кој претходно негуваше блиски врски со лидерите на „Њус корпорејшн“, дури и ангажираше како свој прес-секретар поранешен уредник на „Њус оф д’ворлд“, кој неодамна беше уапсен поради неговата улога во скандалот - го нарече „одвратно“ прислушувањето на телефоните. Во меѓувреме, раководството на лабуристите, кое, исто така, ја посакуваа благонаклоноста на Мардок, вети дека ќе го блокираат обидот на „Њус корпорејшн“ за обезбедување целосна сопственост врз најголемата телевизија за која се плаќа во Британија. Дали отпорот ќе го мине Атлантикот - останува да се види.
(Авторот е соработник во Националниот
институт и визитинг- соработник во Униврзитетот „Јеил“, автор на „Седма декада: нова форма на нуклеарна опасност“ и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |