Број 3629  среда, 13 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter

Туризам

Атина полна туристи со плиток џеб

Во престолнината на Грција секој го доживува туристичкиот мит по свое

Од нашиот дописник
Миркица Поповиќ


Атина - Никос Таресопулос, сопственик на продавничка за сувенири и накит од сребро, седи пред влезот и упатува оптимистички поглед кон секој турист што минува низ тесната уличка „Пандросу“ во познатиот туристички кварт Монастираки. На секој поглед на туристите кон излогот на продавничката се насмевнува, подготвен веднаш да стане и да ги услужи, меѓутоа, повеќемина само продолжуваат со прошетката. „Имам чувство дека годинава има повеќе туристи, но како да се со поплиток џеб. Очекувавме економски посилни, барем ние што живееме од туризмот во Атина. Меѓутоа, едно се очекувањата, друго е она што го гледаме реално“, со разочаран глас вели Никос. Генерално, неговото искуство е дека има голем пад на профитот на продавничките за сувенири во Монастираки и во Плака. Никос се надева дека можеби работите ќе се подобрат од средината на јули, но останува со резерва, бидејќи, како што вели, и другите држа��и од ЕУ, од кои доаѓаат, главно, туристите во Грција, се соочуваат со економски проблеми.

Атина, патем, постојано менува руво од лулка на демократијата до засолниште на анархистите, тренди комерцијален град, град со богата класична и алтернативна културна сцена, прибежиште за повеќе од еден милион имигранти што бараат подобар живот и можеби исто толку Грци, кои со задоволство би живееле на некое друго место.

Без никакво сомневање, Атина е главна или попатна станица на огромен број туристи што патуваат низ Грција. Минатата година грчкиот туризам имаше пад од повеќе од 20 отсто во споредба со претходните години, а дополнителна причина освен економската криза беа и постојаните штрајкови низ Грција. Годинава пред почетокот на големиот туристички бум, повторно се повторува ланската приказна.

Туристите најмногу циркулираат низ Монастираки, Плака, Тисио, Акропол, па дури и Псири, каде што може да се најдат илјадници мали продавнички за сувенири и традиционални грчки производи, но, од друга страна, се и убав начин преку прошетка да се почувствува стариот дух на Атина пред или по посетата на Акропол. Низ тесните шопинг-улички на Монастираки кои ве водат кон познатиот туристички дел Плака се забележуваат не само продавнички за класичните грчки сувенири, туку и мали продавници за облека, чанти, кожни сандали, традиционални инструменти, но и грчка храна и зачини. Туристите повеќе ги привлекуваат зачините и грчката храна, а многу помалку малку поскапиот накит изработен од сребро.

Магнетите или малите копии на Партенон, грчките богови, разгледниците со фотографии од Атина се движат од 50 центи до 5 евра, на одредени места може да најдете 10 разгледници за едно евро. Зачините за храна се движат од 3 до 6 евра, цената на мини шишенцата узо или ципуро е од 1-2 евра, додека, пак, сувенир мало шише маслиново масло ќе ве чини околу 3 евра.

Цените за традиционалните инструменти, како, на пример, мини верзија на познатото бузуки, се движат од 15 до 20 евра. Иако разочарани од падот на профитот, сепак, некои од сопствениците на продавниците за сувенири велат дека имаат разбирање за економските проблеми на туристите. „Туристите повеќе фотографираат, помалку купуваат сувенири. Паметиме кога туристите се одлучуваа да потрошат 70 или 100 евра на некој рачно изработен сувенир или поскапа вазна. Меѓутоа, сега луѓето го купуваат само она што им е потребно, штедат на сувенирите“, ни вели Христос, кој има своја продавничка на „Адриану“ повеќе од две децении.

Ставрос Бајрактарис е сопственик на една од најстарите таверни во Монастираки „Бајрактарис“. Таверната се наоѓа на уличката „Митрополеос“ во редот на голем број помали таверни и кафеани каде што од утро до вечер се чувствува мирис на грчката традиционална кујна и врева од атињаните и туристите. Бајрактарис слично како и другите туристички работници оценува дека работите не се се' уште сјајни како што очекувале.

„Работите се лоши, не знам од која причина, но мислам дека треба малку повеќе да се потрудат од Министерството за култура и туризам. Ние, угостителите, работиме 24/7 за да ги услужиме туристите најдобро што можеме со квалитетна храна. Меѓутоа, туристите не се гоштеваат, туку поткаснуваат“, вели тој, со надеж дека следните месеци ќе бидат поплодни за туризмот во градот. Посочува дека се гледаат повеќе туристи од Шпанија, Франција, но многу помалку Германци за разлика од претходните години. Цените во таверните се разликуваат од местоположбата на самата таверна. Во таверните и кафулињата во Плака, Монастираки, Тисио, генерално, туристичките места со поглед кон Акропол бидете спремни да платите и некое евро повеќе за кафето и грчката салата. Цените се највисоки во поелитниот кварт Колонаки, каде што за едно пиво ќе платите 7.5 евра.

Доколку сакате да уживате во грчките морски специјалитети подалеку од туристичката врева и можеби и да склопите пријателства со Грците може да поминете во некоја од бројните таверни во Ано Петралона. Во таверните обично се поминува со сметка од 15 евра по човек. Најевтина варијанта е гирото, чија цена не е повисока од 2.20 евра. Меѓутоа, голем дел од туристите одбираат и фастфуд-варијанта, поради што ресторанот на „Мекдоналдс“ во центарот на Атина е секогаш преполн. Мислењата на туристите за цените во Атина се поделени и зависат генерално од местата од кои потекнуваат. Туристите од Америка сметаат дека цените се поразумни во врска со американските, додека, пак, оние од ЕУ, некои од азиските држави и Балканот, се жалат на висината на цените.

„Цените се во ред, но ако не зборувате грчки има големи шанси да ви наплатат поскапо. Имам среќа што имам грчки пријатели, па успевам да ги избегнам овие проблеми. Во споредба со Бостон и со Њујорк, цените, сепак, се разумни“, ни вели 25-годишната Еви од Бостон. Туристите од Балканот се шокираат од скапите цени во кафулињата низ Атина.

„Ја обожавам Атина, со часови би шетала низ Плака, цената за посета на Акропол и другите антички споменици е солидна, 12 евра за сите места заедно.Но, Атина е навистина скапа во споредба со другите држави што ги имам посетено, а верувајте, патувам многу често“, коментира младата Сали од Либан. Во Атина е веќе четири дена, а минатонеделните инциденти не ја поколебале во намерата за одмор во Грција.

Дел од туристите забележуваат дека не ги исплашиле минатонеделните инциденти и протести пред грчкиот парламент. Некои велат дека медиумите малку ја преувеличиле сериозноста на ситуацијата, додека, пак, други коментираат дека биле малку загрижени, но, сепак, се одлучиле да ризикуваат. „Видовме за инцидентите на вести, не можеме да кажеме дека не не' загрижија. Но, се' додека внимаваме и не се мешаме во тие протести, сметам дека нема да ни наштетат“, вели еден брачен пар од Австралија.

Туристичките работници во Атина, исто така, се поделени со мислењата како инцидентите ќе влијаат врз посетите годинава. Некои сметаат дека сигурно многумина ќе сменат правец и наместо во Атина, ќе одат на побезбедна локација, додека други се убедени дека инцидентите во Атина се веќе видена и доживеана работа низ светот и дека нема такво количество солзавец што ќе ги одврати целосно туристите од посета на градот под Акропол. Сепак, според медиумите, инцидентите имаа директно влијание за влошување на ситуацијата во туризмот.

Според весникот „Имерисија“, по инцидентите биле откажани 8.000 преноќувања во хотелите, а меѓу нив, откажани се и работни конференции за 2012-2013. Хотелиерите забележуваат дека главниот проблем е што Атина од година во година добива се' повеќе имиџ на небезбедно место за посета поради сликата во меѓународните медиуми и доколку не се коригира овој феномен, би имало долготрајна штета за туризмот во Атина.

Секој на свој начин

„Во август обично имаме туристи од Италија и од Шпанија, но годинава со економската криза не можам да бидам сигурен каква ќе биде нивната економска и куповна моќ“, забележува Никос, кој ја има својата продавница за сувенири и сребрен накит во Монастираки повеќе од 30 години.

Во Атина секој го живее туристичкиот мит на свој начин. Од класичниот туризам и посета исклучиво на Акропол, античките храмови и ископини, вечера само во туристичките квартови Плака и Монастираки, сончање на блиските плажи, поалтернативни туристи, кои бараат интересни делови, музеи и барови во тесните улички на Атина каде уживаат Атињаните се до оние кои тераат и протестирачки туризам со гас маски, молотови коктели и дискусии со младите што се активни на протестите... Атина прави спој на хаотичното и бучното со спокојното. На само 15-ина минути од хаосот, во центарот на градот можете да најдете мир во попладневните часови во паркот под Акропол.

„Технополис“ – културно срце на Грција

Гази е едно од местата што мора да ги посетите за да го видите „Технополис“, еден од најинтересните објекти во Атина, поранешна фабрика за гас, која е заштитена како индустриско наследство и пренаменета во културен простор за изложби и концерти, но и новиот музеј за современа уметност „Бенаки“. Веднаш спроти „Технополис“ се наоѓа простор со графити од светски познати графити цртачи и стрит-уметници. Летoто е рај за љубителите на културата бидејќи речиси секоја вечер се одржуваат претстави во Атина и во античкиот театар во Епидаврос. Вистински хит летово е гостувањето на претставата „Ричард Трети“ во режија на Сем Мендез, главна улога Кевин Спејси, која ќе гостува во Епидаврос од 29 до 31 јули.

Шопинг-зависниците може да купуваат додека не се изморат или на Ерму, низ луксузните продавници во Колонаки или во некој од шопинг-центрите како што е „Меtrо Mall“, веднаш до метрото Агиос Димитрис, или во најголемиот шопинг-центар „Тhe Mall“ каде што ќе стигнете со метро, зелена линија, на станицата „Нерасиотиса“.

Оние што сакаат да одмораат на плажа, доколку немаат сопствен автомобил, може да фатат трамвај на „Синтагма“, автобус Е22 на Акадимијас или 171 веднаш на метрото „Агиос Димитриос“ и да се упатат на песочните плажи во Глифада, Вула, Вуљагмени, Варкиза. За информација, влезот за уредените плажи во Атина се наплаќа 7 или 8 евра без вклучено кафе или пијалак.

Фасцинантниот Акропол

Еден млад брачен пар од Шпанија застанува пред новиот музеј на Акропол. Од левата страна е новата модерна грандиозна градба на архитектот Бернард Чуми, а од десна страна на ридот наѕира Партенон. Девојката го спушта чадорот за сонце и во еден момент застанува без здив, во самиот поглед се гледа дека е фасцинирана и среќна што конечно се наоѓа под Акропол. На оваа сцена на радување не би останале рамнодушни и долгогодишните жители на Атина. Самите Атињани во голем дел забораваат дека живеат во градот под Акропол. Доколку сте неколку дена во Атина покрај класичната туристичка тура на Акропол и останатите археолошки локалитетите, Плака, Монастираки, Тисио, плоштадот„Синтагма“, стариот олимписки стадион Калимармаро дозволете си да го видите градот и преку очите на оние кои живеат таму. Напијте се кафе на петти кат на продавницата за книги, музика и технологија „Паблик“ со поглед на раздвижениот плоштад „Синтагма“, прошетајте пешки од центарот до бунтовната Ексархија и седнете да поразговарате со младите во парковите на Ексархија за богатата историја на квартот. Наместо во бучните кафулиња во туристичките делови побарајте го кафулето „Нуева трова“ во Монастираки („Атинас“ и „Влахова“ 9) затскриено во тесната уличка, или, пак, ако веќе инсистирате на поглед на Акропол, но малку поалтернативна музика поминете или преку ден или навечер на терасата на „Биос“ (Пиреос 84). Летните тераси во Ексархија и Гази, една од најпопуларните населби за излегување се хит во текот на летото заедно со летните кина под отворено небо за оние што не се љубители на летните дискотеки покрај плажите во Глифада, Вула и Вуљагмени. Во Гази ќе најдат „засолниште“ и љубителите на комерцијалната музика, оние кои сакаат да седнат на мезе и ципуро- грчка ракија, но и оние со поистенчен алтернативен вкус на кои сигурно ќе им се допадне баровите „Хокстон“ и „К44“.

 


#
Статијата е прочитана 2284 пати.

Испрати коментар

Од: Tina
Датум: 13.07.2011 11:24:20
Turizam vo Atina e kako da gledam anticki pornografiji. Kolku pati ke gi gledame tie rusevinite na Akropoleto. Moze bi novite generaciji da, sepak Ladi Gaga e po uzbudliva, oti sekogas ispaga inakva po nosija, iako i taa ja upotrebuva pornografijata kao nejno objasnuvanje na karakter. A vo Atina, ledi Gaga moze da im doprinese, kolku tolku, poveke od sega sto imat Grckite biznisi.
Од: vlajko
Датум: 13.07.2011 12:23:38
da,da,a kaj nas se mlijarderi turisti
Од: k2
Датум: 13.07.2011 12:46:11
Dobro sto e ova reklama za Grcija...na kogo mu e gajle za Atina i "nejzinata istorija"....ako mene me prasate da dade gospod da kolapsiraat total.....

Најди! во Утрински
Насловна
Колку вредат возилата на „Перо Наков“
Балканот без двојни гранични контроли?
„Ах да можев да спасам барем уште некој живот“
Хаџи-Ристески на гости кај Аугенталер
Двокатниот автобус на принуден одмор
Нови предизвици за старите партнери
Коце Трајановски доби нов двегодишен мандат на чело на ЗЕЛС
Кредитите и банките
Нова навивачка секс-бомба од Парагвај
Перушевски негира плетење во „Пајажина"
Оживеаната магија на Безистенот
Адреналин на ниво на тревога
Семафор за услугите на Пасошко
Раскошот и бедата на македонското новинарство
По него врескаат тинејџерките
„Шпиц" на протест пред „Перо Наков"
Падот на куќата Мардок
Магично отворање на „Охридско лето"
Редици за плаќање сметки во банка, а поштите празни
Стил
Чиле, Уругвај и Перу нови четвртфиналисти
Мекнамара
Онлајн вести

"""