Редици за плаќање сметки во банка, а поштите празни
Граѓаните и со платена сметка може да останат без струја и телефон, бидејќи доцни регистрирањето на наплатата
Сања Наумовска
Деновиве граѓаните ги блокираа шалтерите на банките за да ги платат сметките за струја, вода телефон, интернет... Редици луѓе чекаат со часови за да си ги намират обврските, а шалтерските работници не можат глава да кренат од работа. И додека во банките е тепачка за ред, речиси и никој да не ја отвора вратата на експозитурите на „Македонска пошта“. Голем дел од граѓаните, незадоволни од услугите на поштата, ги избегнуваат овие шалтери. Тие велат дека ги избираат банкарските шалтери, иако таму чекаат повеќе поради сигурноста во наплатата. Дел од граѓаните коментираат дека во поштите и натаму функционира застарен начин на наплата, а во некои поштенски експозитури нема ни компјутери, па за да ги избегнат непријатните ситуации, ја избираат побрзата и посигурна варијанта. Голем дел од поштите, особено во помалите места, се' уште не се автоматизирани, па регистрирањето на наплатата се одвив�� многу бавно поради што граѓаните може да останат без струја или телефон, иако навреме си ги платиле сметките. Такви случаи има не само во помалите места, туку и во Скопје. Проблемот особено се комплицира доколку се работи за плаќање на заостаната сметка, која се плаќа во последен момент, а може да значи спас од исклучување на струјата или на телефонот. Нервозите во тој случај се големи и за граѓаните, но и за компаниите што имаат двојни трошоци за екипите, кои исклучуваат на терен, а не смеат да им ги натоварат на своите корисници.
„Со месеци добивам опомени од ЕВН за сметки што се платени во пошта. И по неколку дена, нема известување дека сум го намирил долгот, па имам проблеми со компанијата“, се жали еден повозрасен скопјанец. Тој со платената сметка морало да оди во ЕВН и да докаже дека платил, бидејќи му се заканувало исклучување на струјата. Од компанијата му потврдиле дека известувањата за платените сметки до нив „патуваат“ и по неколку дена доколку не се платени во нивните пунктови. Сепак, нашиот соговорник објаснува дека случајот го решил во последен момент и се спасил од исклучување на струјата, бидејќи за неколку дена ќе заминувал на одмор, а по враќањето, и покрај платените сметки, веројатно, би го чекало изненадување од ЕВН. Оттаму, пак, велат дека се обидуваат да ги надминат ваквите ситуации.
„Соработката со банките и со ’Македонска пошта’ се подобрува. Известувањата треба да пристигнуваат следниот работен ден. Доколку плаќањето се изврши во нашите пунктови или во салоните на ’Тобако-тугедр’ се регистрира веднаш“, објаснуваат во ЕВН.
И во „Македонски телеком“ велат дека најсигурната варијанта е сметката да се плати во нивните салони. Во тој случај, плаќањето веднаш се регистрира, за разлика од плаќањето во банка или во пошта, што треба да се евидентира најрано следниот работен ден. Сепак, и во двете компании тврдат дека поради доцнењата на известувањата за платени сметки, граѓаните не понесуваат никакви последици. Во предвид се зема датумот на плаќањето на сметката, а не датумот на известувањето. „Граѓаните можат да бидат спокојни и да не се плашат дека и на платена сметка ќе им се наплатува камата. Без разлика кога ќе стигне известувањето за наплатената сметка, во системот се регистрира датумот на плаќање и доколку е тоа до 18. во тековниот месец. не се наплатува никаква камата“, објаснуваат во „Телеком“. Оттаму информираат дека за сметки платени во банка или во пошта се чека еден работен ден, а од неавтоматизираните пошти во руралните подрачја, два дена. „’Телеком’ воведе и неколку нови сигурни канали за плаќање на сметките. Од неодамна, граѓаните можат да ги платат сметките за телефон, интернет или телевизија преку мрежата на банкомати на Стопанска банка и по електронски пат, без провизија и дополнителни трошоци со платежни картички ’виза’ и ’мастеркард’ на веб-страницата ’Мој телеком’“, информираат од компанијата.
И во скопски „Водовод“ велат дека доколку граѓаните ја намират сметката до попладневните часови, известувањето до претпријатието треба да стигне во текот на наредниот работен ден. Доколку, пак, сметката се плаќа во доцните попладневни часови или во сабота, тогаш чекањето се зголемува за уште еден ден. |