Поглед
Кредитите и банките
Соња Маџовска
Банкарите слободно можат да прогласат распуст. Не буквално, бидејќи и натаму пред шалтерите, посебно деновиве има огромни редици од пензионери што подигнуваат пензии и плаќаат сметки, но проблем е што има се' помалку фирми и граѓани што бараат кредити.
И оној мал број бизнисмени кои ќе се охрабрат да влезат во банките за да побараат свеж капитал треба да поминат низ сито и решето за да им докажат на строгите банкари дека се кредитоспособни и дека и по една година добро ќе им врви бизнисот и ќе имаат пари да ги отплаќаат ратите.
Бизнисмените и натаму сметаат дека банките вријат од пари, но дека многу тешко одобруваат нови заеми. Банките немаат проблеми со ликвидноста, но затоа фирмите не можат глава да кренат. Никако да излезат од должничкиот лавиринт. Секој секому должи, никој никому не плаќа. Дека е ваква состојбата потврдуваат и фирмите и банкарите кои детално ги чешлаат билансите на компаниите пред да дадат виза за нов заем. Банкарите велат дека нивната внимателност се должи на се' уште присутните ризици во ек��номијата поради лошата ликвидност. За разлика од фирмите, банките се во добра кондиција, но поради слабиот кредитен раст, и нив им паѓа профитабилноста.
во почетокот на кризата банкарите изјавуваа дека доаѓаат тешки години, што и се оствари, но проблемот е што се' уште нема некој оптимизам дека полека излегуваме од неа. Иако податоците за економскиот раст во првиот квартал се оптимистички, растот на БДП достигна 5,1 отсто, банкарите потврдуваат дека овој раст не го чувствуваат. Годинава кредити барале само градежните компании, кои директно или индиректно како подизведувачи учествуваат во изградбата на „Скопје 2014“, а во банките влегувал и по некој земјоделец да побара нов кредит. |