Двокатниот автобус на принуден одмор
Автобусот повеќе е во гаража отколку на улица, бидејќи двајца возачи заминале на одмор
Деспина Трајковска
Двокатниот автобус деновиве принудно повеќе е паркиран во гаража отколку што ги вози скопјани. Невообичаено, причина за тоа не е ниту дефект ниту, пак, редуциран возен ред, туку двајца од тројцата возачи што го должат токму овој автобус заминале на одмор. Така, даблдекерот, кој сообраќа исклучиво на „15А“, на услуга на патниците е само во една смена, а потоа истата траса продолжува да ја вози друго „обично“ возило. Надлежните велат дека по ваква летна шема автобусот ќе вози најдоцна до идната недела. Принудниот одмор на даблдекерот патниците го регистрираа кон крајот на минатата недела. Една скопјанка во петокот два пати се возела на релација резервирана за „15 А“ и во двата наврата вели дека се возела со „обичен“ единечен стар автобус.
„Точно е дека двокатниот автобус периодов поретко е на улица. Не го реализира целиот возен ред, бидејќи тимот возачи што е обучен за ова возило и практично го должи не е во целост, поточно двајц�� од тројцата возачи се на одмор. Така, принудени сме да го пуштаме автобусот да вози само во една смена, бидејќи недозволиво е возачот сам да ја истера цела дневна шема, односно да вози речиси 19 часа без прекин. Сепак, сметам дека во случајов нема никаков пропуст што би бил на штета на патниците, оти линијата се одржува но комбинирано со друго ‘обично‘ возило“, објаснува Мишо Николов, директор на ЈСП. Тој посочи дека даблдекерот во сообраќај се вклучува наутро од 6,15 часот и денот го завршува еден час претпладне. Потоа на „15А“ се пушта друго возило. Целата дневна шема „дабледекерот“, најавува Николов, се очекува да почне да ја реализира најдоцна до понеделник, кога на работа се очекува да бидат сите тројца возачи ангажирани на ова возило.
Од ЈСП велат дека ситуацијата воопшто не е невообичаена, односно не гледаат причина зошто одредени возачи не би биле задолжени само за двокатниот или било кој друг автобус.
„Ние, всушност, неодамна одлучивме новите автобуси да не ги вози кој ќе стаса, односно на некој начин ги задолжуваме возачите со возилото, бидејќи сметаме дека така подомаќински ќе се однесуваат кон него. На пример, еден автобус им е даден на располагање на тројца возачи и токму тие во секое време ќе бидат одговорни за возилото во секој поглед. Таа одлука веќе се потврдува дека е оправдана и корисна за нас“, вели Николов. За него, случајот со двокатниот автобус, кој е редуциран токму поради тоа што возачите не се искоординирале за користење на годишниот одмор, е изолиран случај. Уверува дека такво нешто во иднина нема да се случи ниту со двокатниот автобус ниту, пак, со некој од новите автобуси.
|