|
|
|
|
|
|
Мислења
Раскошот и бедата на македонското новинарство
Нано Ружин
Некогашните најдоверливи новинари на премиерот од деведесеттите, станаа луѓе од доверба на актуелниот премиер
Започна првата пеколна недела на долгото македонско топло лето. Урбаната скопска сиромаштија се теши со импровизираните плажи на Вардар и прошетките на Водно, Матка или во Градскиот парк. Ова потсетува на париските мурали од шеесеттите „Работничката класа масовно на речните плажи“. Побогатите, пак, ги разбиваат последните дилеми - дали грчко, Азурно или Јадранско Море. Солени мориња - солени цени за напарфемисаните дами и господа.
Политичкиот живот е монотон. Освен составот на новата влада, политичката елита единствено е преокупирана со својата летна гардероба. На маргините срамежливо се провлекува темата за состојбата со македонското новинарство и неколку ситни дилеми: дали во нашето новинарство се случува нешто значајно? Дали зголемената вознемиреност меѓу новинарите е некој вид почеток на крајот на шеќерниот деспотизам на моќниците и политичарите во медиумската сфера? Дали ќе се распукне „кругот на разумот“ кон чии принципи дисциплинирано се придржуваа новинарите? Или се работи за ефемерен настан што ќе биде брзо заборавен како што често бидува во Македонија. Евидентно е дека по одметнувањето на А1 во 2009 година и упадот на власта во ТВ-куќата и особено по изборите и обезбедувањето на новиот четворогодишен мандат, власта реши да го неутрализира ефектот на нејзините големи критичари. Токму овие настани покажаа колку е тешка и подложна на уцени и поткуп дел од новинарската фела.
„За да преживеам, морам да молчам. Имам семејство“, ми се доверува еден близок пријател новинар. Дали постои начин за заштита на новинарите? Секако, тие можат да се политизираат и на тој начин отворено да ги бранат интересите на „сопствената партија“, а и натаму да негираат дека се членови на партијата. Другиот принцип е конформизмот кон кој потпаѓале многу значајни новинарски имиња. Големите партии со задоволство ги прифаќаат таквите новинари. За сметка на тоа, како во минатото, така и денес се спротивставуваат кон сите новинари што мислеле, зборувале или пишувале поинаку. Ако е потребно со административна и финансиска мерка, насила или на некој поелегантен начин, новинарот ќе мора да се замолчи, да се поткупи или да се уцени. „Претходно новинарите поседуваа поголема моќ и автономија. Сега сме многу поконтролирани, иако и тогаш постоеја црни листи“, истакнува новинар од познат пишан медиум.
По победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, се чувствува осека на критичниот осврт кон владата. „И оние што беа неутрални, а одвреме-навреме го критикуваа системот, замолчеа од страв“, констатира коментаторот. Третиот принцип е оној на магинализирање во редакцијата. Во изминатите две транзициски децении, странските набљудувачи и дипломати дискретно ја укоруваа власта дека прави големи престапи во доменот на слободата на медиумите и правото на информираноста. Тоа како да не ја премисли. Напротив, како секоја власт, така и оваа смета дека и' се провлекуваат многу слабости во контролата на медиумите, и дека во најголемиот дел новинарите се антивладино настроени. Во нормалниот свет сосема разбирливо. Во развиените демократии новинарската критика е здрав и неопходен услов на слободата. Таму политичарите се предмет на постојана иронија и политички хумор. Џуџето Саркози, сексуално манијакалниот Берлускони, приглупиот Буш, брадестата Мартин Обри, машкуданката Меркел, се дел од секојдневните метафори на новинарските шеги и исмејувања.
Кај нас реченицата што наизменично во хор ја пеат партиските тенори на СДСМ и на ДПМНЕ е – „не успеавме да создадеме наш медиум“. Затоа во нивните коалиции привилегирани места имаат медиумските босови во пакет со новинарските ѕвезди. Меѓутоа, со промената на власта, први за отстрел секогаш биле партиски ориентираните новинари. Тие се заменуваат со други партиски новинари со кои изобилува и власта и опозицијата. „Оној што стрчи гине прв“, подучува еден од актуелните уредници. Новинарот-жртва, осамен и немоќен, слично со жртвите на ждановизмот не може да се надева ниту на минимум деонтолошка солидарност. Во суштина Здружението на новинарите покажа извесна солидарност со јавниот протест, но подобрите познавачи на оваа институција сметаат дека раководството на ЗНМ направило големи компромиси кон провалдините новинари без да постигне некој ефект. „Бараме само да се почитува законот, но за новинарите-насилници, кои се под протекторат на Владата, тој не важи“, ми вели позната новинарка од А1. Говорите на ЗНМ беа внимателно одмерени за да не повредат некого. Таквата умереност на настанот му даде повеќе пријателски тон на убедување отколку обид за искажување на незадоволството. Нивниот најголем страв беше случајно настанот да не се претвори во поддршка кон новинарите на А1 и Рамковски. Во државата не се разви ниту дебата за состојбите, неправдите, политичките влијанија или замолчувања, односно отпуштања на новинарите. „А што вреди и дебатата“, резигнирано ми вели мојата соговорничка. Не постои критичка маса.
Посткомунистичката приказна за новинарството во Македонија е тесно поврзана со развитокот на демократијата во земјата. Стариот еднопартиски систем падна под влијание на општиот процес на сомотските револуции во државите на Централна и на Источна Европа по паѓањето на Берлинскиот зид во 1989 година. Меѓутоа, промените и реформите во Македонија до 1998 година беа мирни и умерени. Во овој период тогашните министри на СДСМ создаваа сопствени новинарски штабови што служеа за негување на нивните имиџ, но и за отстрел на непријателите во сопствените редови и пошироко. Неколку значајни пера што денес се перјаница на провладините медиуми и се основните критичари на лидерот на опозицијата, беа дури и кандидати за шефови на кабинетот, односно главни советници и соработници на „Бихаќска“. Дури по поразот на СДСМ на изборите од 1998, се почувствува значаен политички дисконтинуитет со петдецениската доминација на левицата. Постепено со оваа логика почна да се чувствува и во новинарството. Големите медиумски куќи, како што се МРТВ и „Нова Македонија“, не се адаптираа кон промените и започна нивното тивко умирање. За сметка на тоа, зајакнаа приватните електронски и пишани медиуми. Едновремено започна и силната политичка поларизација меѓу новинарите. Се појавија нови и свежи ликови и пера, но слично на транзициските лидери се манифестираа и транзициските новинари, кои денес се претставуваат за прогресивни бранители на каузата на власта. Најинтересно е што кусата радиоскопија на нивната политичка и идеолошка матрица покажа висок степен на отстапувања и менување на политичкиот камп. Така, некогашните најдоверливи новинари на премиерот од деведесеттите станаа луѓе од доверба на актуелниот премиер. Исто како и денес, и тогаш влијаеја и учествуваат во кадровската политика, покажувајќи завидна лојалност и аналитички цинизам кон политичкиот ривал.
Новинарството понекогаш се нарекува и четвртата власт поради улогата на транспарентноста што му е доверена во рамките на демократијата. Тоа поседува суштинска функција во имплементацијата на разните јавни слободи, меѓу кои се издвојува слободата на изразување и правото на информирање. Сепак, и при таквото толкување, четвртата власт не може да постои изолирано доколку не е во врска со некоја друга власт. На пример, што ќе правеа провладините медиуми доколку ја немаат зад себе поддршката на Владата. Од друга страна, се виде дека поддршката на опозицијата кон А1 немаше некоја поголема ефикасност, освен моралната димензија и поголема политизација.
(Авторот е универзитетски професор)
|
#
|
Статијата е прочитана 1397 пати.
|
|
|
|
|
|
Од: Сергеј |
Датум: 13.07.2011 00:16:53 |
|
Анализи, ретроспективи... Како било некогаш кај нас, па пошироко... А сите избегнуваат да ја споменат големата вистина - да се остане СЕГА новинар во Македонија, треба да се положи партиска заклетва! Со анализи на минатото нема да го спасите македонското новинарство. На него сонцето веќе му изгреа - црно. Нема ниту со вакви долги, бледи колумни кои само заморуваат, а кои не даваат никакви анализа ни информација за тоа што ДЕНОВИВЕ се случува во државата ни. ( http://otpor.log.ph/ ) |
|
|
|
|
|
|
Од: Betoven |
Датум: 13.07.2011 01:19:33 |
|
Profesore, sekoja cest ama za novinarstvo i novinarite i za "vistinata" vo Makedonija prasajte go DRAGAN PAVLOVIC- moronot, toj e zadolzen za toa |
|
|
|
|
|
|
Од: Во Македонија МРАК ! |
Датум: 13.07.2011 03:54:50 |
|
Во Македонија настапува еден од најмрачните периоди од нејзиното постоење. Не треба да не изненади радикализирање и екстремизирање на состојбите... |
|
|
|
|
|
|
Од: Lazo Stefanov |
Датум: 13.07.2011 06:31:18 |
|
Klucna uloga vo razvojot na vistinskoto novinarstvo mora da odigra MTV, no kako vistinski javen mediumski servis na graganite. No, kako da se postigne toa? No, edno e sigurno na novinarstvoto i na demokratijata loso im se pisuva bez vistinski mediumski javen servis. Zagrizuva faktot, sto ovoj element ne se ni sogleduva, nitu analizira,a najdobar dokaz e i ovoj tekst. |
|
|
|
|
|
|
Од: David |
Датум: 13.07.2011 08:32:35 |
|
Новинарството отсекогаш продуцирало проституција, посебно во редовите на елитната категорија, која во време на промени, прва седнувала во скутот на победниците. Каменот на несреќата најжестоко го погодува вистинските професионалци, преданиците на журналистичкиот морал. Тие секогаш први одат на кладата. Некогашните ,,први пера,, од божемно упокоениот еднопартизам, беа први единствено во лојалноста кон власта,а на професионален план беа бедни дунствери. Без морал и етика, хермафродитна категорија. И сегашните ,,елитни,, не се ниту за нијанса подобри. Кога тие ќе исчезнат од информативниот простор, новинарството ќе го добие својот празник. |
|
|
|
|
|
|
Од: Митре |
Дат��м: 13.07.2011 09:32:36 |
|
Ми рече овој новинар, ми рече оној. Па ако се фраери нека зборат сами. Вака расипан телефон. Ако се квалитетни нека одат во Алфа, Телма, Вест, Утрински и нека направат да бидат тие весници и медиуми нај,нај. Вака ова е само класично оговарање. Кога ќе се погледне една информација доволно е да се сфати кој за што е. Од средбата во Дубровник Алфа рече дека „никој несака да се види со Груевски?“, а тој се виде со сите. Со таква контра не се создава новинарско име, се создава само политички платеник, на оваа или онаа страна(денес или утре). Но изгледа дека парите се убави, па што е важно што пишуваш или збориш.
Поздрав, |
|
|
|
|
|
|
Од: Страв од народот |
Датум: 13.07.2011 10:08:03 |
|
По победата на ВМРО-ДПМНЕ критичките новинари воопшто не замолчеа од страв, туку замолчеа од волјата на народот. |
|
|
|
|
|
|
Од: Igor |
Датум: 13.07.2011 11:58:18 |
|
Bleda kolumna vo stilot rekla-kazala, Vasite sogovornici novinari Vi raskazale za Vie da ni raskazete nas..zaludno potroseno vreme i na mene sto procitav i na Vas sto ste go sostavile.. |
|
|
|
|
|
|
Од: Adem |
Датум: 13.07.2011 13:11:19 |
|
A kakva e taa drzavna temnica. Pa site (tie sto sakaa) vidoa deka ima nenormalna vlast koja sepak narodot si ja izbral. Zanaci li li deka toj narod e nenormalen ? |
|
|
|
|
|
|
Од: Mapkoc |
Датум: 13.07.2011 14:33:11 |
|
„За да преживеам, морам да молчам. Имам семејство“- цитира некој новинар зачудениот г. Ружин. Па реди примери на „продавање„ на новинарите. Како да заборава дека ти�� не живеат во безвоздушен простор. А што е со позначителните во македонското општество - академиците? Државата ашиќаре назадува а тие молчат. Поради синекура, ами што! А зарем тоа не е своевидна „продаденост„?
Да не се лажеме: новинарството на овие простори е бедна професија, новинарите се пролетери - живеат од плата до плата. Во развиените демократии се барем подобро платени, можат нешто и да заштедат. Згора и законската заштита им е неспоредливо подобра. А ниту работодавците не ги даваат своите луѓе туку така, за разлика од македонските, кои ги пшуштаат низ вода штом ќе ја подобрат „соработката„ со владетелите. Тоа што новинарите си придаваат преголема важност друго е прашање. Тоа е делум причина за нивните тешки разочарувања, али, за жал, и натаму има млади „будали„ кои итаат кон нивната фела.
|
|
|
|
|
|
|
Од: Стојан Кралев |
Датум: 13.07.2011 16:18:26 |
|
По криминално добивање на изборите со притисок и корупција со народни пари на институциите на системот, медиумите и осиромашениот народ, мафијата на власт продолжува со затворање на медиумите и отстранување на критички настроените новинари. Што станува со демократијата во Македонија?. |
|
|
|
|
|
|
Од: Миле - Охрид |
Датум: 13.07.2011 17:24:20 |
|
До нога поразените (на избори) пропагатори на грчките шовинистички уцени, повторно се јавуваат како авети да шират лаги и да прават раздор во македонското ткиво. Овој пат делат „лекции“ за „улогата“ на медиумите и новинарите. Па, нели тие (медиумите и новинарите) се поделија на оние кои се за промена на името и самоукинување на македонскиот народ од една страна и оние кои се залагаа за почитување на меѓународното право, основните лични и колективни човекови права и слободи. Македонскиот народ го даде својот глас и одлучи да ги казни оние кои од материјален интерес или омраза спрема Македонците се ставија во служба интересите на странски држави. Заслуживте да си заминете од политичката сцена. Откажете се од мешетарење и деструктивни активности. |
|
|
|
|
|
|
Од: dimitar |
Датум: 13.07.2011 18:05:08 |
|
a, sto saka ovoj vsusnost da kaze??? pa, i na zapad site mediumi debelo se kontroliraat i istite prodavaat lazna slika za sloboda na govorot. |
|
|
|
|
|
|
|
|