Едиторијал
Нови предизвици за старите партнери
Александра М. Митевска
За петнаесетина дена ќе се заокружат три години откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го направија она за што во годините претходно никој не веруваше дека може да се случи. На 26 јули 2008 година Собранието, избирајќи ја новата влада на Никола Груевски, го официјализираше и новото сојузништво на македонската политичка сцена.
Настаните што следуваа потоа ги демантираа сите оние што прогнозираа дека новото партнерство ќе има краток „рок на употреба“ - поради некогашните анимозитети и големиот интересен, па и идеолошки јаз меѓу содружниците. Едноставно се покажа дека интересот на двете партии и не е толку различен, а дека во македонската политика прагматичноста е поважна од идеологијата. Владејачката коалиција помина низ многу искушенија, но ниту едно од нив не успеа да ја потресе до темел. Така беше досега.
На тригодишнината од сојузништвото, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно ќе се најдат на стартна позиција. Во втората половина од јули се очекува да биде избрана новата - втора едно��одруго влада на вмровците и на интегративците. За старо-новиот премиер, Никола Груевски, пак, ова ќе биде трет кабинет, бидејќи во 2006 година и нему му се чинеше незамисливо партнерството со Ахмети, сеедно што ДУИ тогаш го достигна врвот на моќта во албанскиот блок.
Ако во 2006 Груевски можеше да избира со кого ќе коалицира, а во 2008 партнерството со Ахмети се наметна како нужност, во 2011, се чини, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту ДУИ немаат голем простор за маневри. За ВМРО-ДПМНЕ власт без ДУИ би значело враќање на лабавите позиции од пред пет години, како што и за ДУИ власт без ВМРО-ДПМНЕ би значело поделба на „ресурсите“ со другите партии од албанскиот камп.
Резултатите од изборите на 5 јуни, навистина, ги симнаа од небесните височини двете владејачки партии, но, сепак, тие останаа на пристојна кота, од која и натаму се упатени на меѓусебна соработка. А, тоа не е нешто што не им одговара.
Сепак, веќе старото партнерство меѓу Ахмети и Груевски не резултираше со брзо составување на новата влада. Дали со одолжувањето на преговорите за финализирање на владиниот кабинет само се купува време пред соочувањето со старите проблеми и со новите предизвици што стојат пред извршната власт? Или, пак, нешто навистина чкрипи во релациите меѓу партнерите?
Како и да е, нема дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на крајот ќе се усогласат - и за поделбата на ресорите и за кадровските решенија. Ќе падне договор и за владината програма, а во пакетот секако ќе влезе и нешто за што нема да биде известена јавноста, но кое на крајот, сепак, ќе исплива на површина кога ќе почне да се практикува власта.
Впрочем, тогаш кога новата влада ќе почне да дејствува, ќе почне и потешката етапа од функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во пар. Вмровците досега има апсолутно мнозинство на парламентот, со ДУИ го контролираа и квалификуваното мнозинство, а Бадентер го имаа на тацна. По 5 јуни, пак, ниту едно мнозинство не е под апсолутна контрола на владејачките партии.
„Нараснатата“ опозиција во парламентот, сепак, е добра вест за демократијата во државата и тоа не треба да биде причина за главоболки во владејачкиот камп. Старо-новата коалиција сега има за решавање поголеми проблеми - дел наследени, поточно создадени во изминатите три години, а дел допрва ќе се појават на хоризонтот. Ако за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не беше едноставна работа да се состави новата влада, надминувањето на проблемите може да оди уште потешко. |