Балканот без двојни гранични контроли?
Лидерите од земјите на опашката за прием во ЕУ расправаа каде и каков треба да биде регионот до 2050 година
Слободанка Јовановска
Охрид - Лидерите на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово - Ѓорге Иванов, Бајрам Топи, Филип Вујановиќ и Атифе Јахјага, вчера во Охрид одржаа самит на кој расправаа како да се организира регионот долгорочно, до 2050 година. На масата беа споменати енергетската и инфраструктурна поврзаност, заштита на заедничката околина, прекуграничните проекти, слободниот проток на луѓе и капитал, поттикнувањето регионални инвестиции и заеднички настап пред меѓународните финансиски институции заради заеднички проекти.
Мотото на самитот беше дека има прашања што се заеднички за сите земји и за нив тие треба да настапуваат заеднички, но средбата изгледаше бледо без присуството на Србија, која го бојкотира веќе трет пат овој собир. Освен што на сцена беа други актери, т.е. претседатели и премиери, реториките и пораките беа како и пред десетина години на други регионални самити, со една основа разлика – дека со исклучок на Црна Гора, која забрзано оди кон ЕУ, во Охрид беа собрани земјите од опашката на Европската унија.
Тоа дека ќе биде така и во иднина покажа изјавата на претседателот Иванов, кој тврдеше дека Македонија ги исполнува сите Копенхашки критериуми, дека е подготвена за преговори со ЕУ, а само Грција ја расипува перцепцијата за тоа.
„Учиме од искуството на сегашните членки, додека биле кандидати за влез во ЕУ, дека до решенија доаѓале преку дијалог. Пораката е дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за процеси што се незапирливи“, изјави тој, потсетувајќи дека таа порака ја слушнал од лидерите на Австрија, Чешка и на Унгарија. Според него, перцепцијата за Македонија е создадена од една земја-членка, а другите не се согласуваат со тоа.
„Како што се најде начин да се натера Словенија да се однесува европски, така да се најде начин да се однесува и Грција“, побара Иванов, додавајќи дека проблемот е билатерален, се решава во ОН и таму треба да биде разврската, а не во ЕУ.
Тоа што средбата во Охрид се совпаѓа со десетгодишнината на Рамковниот договор за претседателот беше аргумент дека Балканот не е веќе она што бил, а според Топи, во регионот постои нова реалност со појасна позиционираност на земјите и евроинтеграцијата како заедничка цел.
Единствената конкретна иницијатива, притоа, се сведе на начинот на преминување на границата меѓу Црна Гора и Албанија, каде што, според Вујановиќ, нема двојна контрола, туку заедничка албанско-црногорска, па побара како модел да го применат тоа и другите земји.
Иако во фокусот, како што објавија, биле регионални проекти, на прес-конференцијата најмногу зборови се потрошија на Србија и на пораките и таа да им се приклучи со многу надеж дека започнатиот дијалог на Белград и на Приштина ќе се забрза и ќе даде резултати.
„Балканот веќе не може да се фрагментира“, му порача Топи на Борис Тадиќ, избегнувајќи да одговори дали појавувањето на Белград на ваков собир ќе се толкува како признавање на Косово. Според негова оцена, секој лидер има сопствени внатрешни проблеми, но ако Тадиќ ја сака европската иднина на Србија, ќе треба да им се приклучи.
Самитот во Охрид е трета ваква регионална средба. Претходните две се одржаа во Албанија и во Косово, во 2009 и во 2010 година. |