Македонски Состојби
Далеку е Шангај од ВМРО-ДПМНЕ
Манчо Митевски
Делењето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе се сведе на партиска „прагма со фактор 5“
Во моментите кога се појави идејата, со ништо неизнудена, за поделба на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) на пет универзитети, некако незабележано помина еден навидум мал, но во суштина значаен потег, кој укажува на вистинската состојба на работите во образованието како систем. Имено, универзитетскиот професор Славе Наумовски, член на Одборот за акредитација, институција во рамките на системот на в��сокото образование што дава мислење за отворање нови факултети, поднесе оставка на функцијата, мотивирана од желбата, како што вели, да не учествува во хаосот што се создава во високото образование. „Не можам да го прифатам уривањето на високото образование и давањето акредитации без какви било критериуми. Таквата неодговорност предизвикува долгорочни штетни последици на кои веќе сме сведоци, но кои уште повеќе ќе ги хендикепираат идните генерации на кои треба да се потпре државата“, изјави тогаш професорот Наумовски.
За овие тешки квалификации за состојбите во високото образование следеше молк, а вниманието се насочи кон „идејата“ на министерот за поделба на Скопскиот универзитет за тој да „можел“ да биде рангиран на Шангајската листа на светските универзитети според успешноста! Не е проблем идејата, не е проблем ни желбата за влегување во некое далечно идно време на Шангајската листа. Проблемот е во неподготвеноста за идејата на општеството, на државата и на самиот Универзитет, на професорите и на студентите во него за еден ваков сложен процес. Обично, во нормалните држави, каде што и покрај мојата патриотска желба, не можам да ја вбројам Македонија, вакви зафати се преземаат по спроведени големи дебати базирани врз уште поголеми елеборати и внатре во универзитетската заедница, но и во пошироката општествена заедница. Кај нас на идејата реагираа ректорската управа, неколкумина декани и Сенатот. „Изјавата дека УКИМ треба да се подели за да биде рангиран на Шангајската листа е тотално бесмислена, обид за мешање во внатрешната организација на Универзитетот, а со тоа и груб упад во универзитетската автономија“, оцени ректорската управа во соопштението до јавноста.
Мислам дека ректорот, деканите и Сенатот, во принцип, имаат право зашто така реагираа на идејата „од небо во ребра“. Но, кога ќе се земе предвид вкупниот контекст на промените во последните години, мислам дека ректорот реагира со двојни аршини, со еден кога промените му одговараат како институција и лично, а со друг кога не му одговараат. Тоа најдобро го констатира ексминистерот за образование, Ненад Новковски, во една своја колумна. „Изјавата на ректорот Велимир Стојковски дека со промените би се повредила автономијата на Универзитетот зашто организациските промени биле во надлежност на ректорот, е целосно неоснована. Имено, сегашната состојба во која ректорот има огромни овластувања е воспоставена со закон што го донесе Владата пред две години. Пред тоа факултетите имаа правен субјективитет, а нивните акти згаснаа по сила на Законот (чл. 179). Оттука, ректорот не може да се повикува на шестдецениски континуитет на институцијата зашто таа во овој облик постои две години и седум месеци и е воспоставена на истиот начин на кој министерот предлага да се спроведе новата реорганизација. Ако никој не реагирал кога една состојба што постоела шест децении се промени преку ноќ, тогаш нема никаква смисла да реагира на промена на состојба воспоставена пред две години“, пишува Новковски.
Толку за принципиелноста на ректорската управа, на деканите, но и на Владата околу проектите за реорганизација на Универзитетот. Поентата ми е во друго. Според мене, проблемот е како ВМРО-ДПМНЕ ги сфаќа промените, посебно во образованието, и зошто ги прави. Неверојатна е систематичноста на владејачката партија во трансформацијата што може слободно да се прочита и како партизација на институциите и на вредносните системи врз вмровската идеолошка матрица.
Ова може да се илустрира со факти од досегашното разнебитување (што го третира власта како реформирање) на средното и на високото образование, од кои создаде антисистем. Значи, прогласувањето на средното образование за задолжително значеше алиби за спроведување на популистичката идеја за отворање факултет во секое помало место во Македонија, без минимални просторно-кадровски и други услови за студирање и со 98-отстотен (!?) опфат на средношколците на факултетите. Е, поради тоа: „давање акредитации без какви било критериуми“, професорот Славе Наумовски, од почетокот на текстов, даде оставка во Одборот за акредитација. Зад идејата за „факултет до секој дом“, се криеше друга цел: младите луѓе наместо да се појавуваат на листите на невработени во Агенцијата за вработување, да се најдат на листите на студенти на факултетите, со одложување на новите контингенти невработени за неколку години. Овој проблем ќе се дуплира со фактот дека за некоја година државата ќе треба да го решава проблемот со хипе��продукција на високообразовани млади луѓе (на пример, каде ќе се вработат околу 56.000 студенти кога ќе дипломираат), создаден во голем дел поради системот „лесно отворени факултети, лесно стекнати дипломи“.
Тука повторно би се вратил на мотивите на власта за поделба на УКИМ. Како и сите други проекти декларирани како реформски и со многу добри намери, во реализацијата и овој ќе се сведе во чиста партиска „прагма со фактор 5“. Имено, наместо реформа за квалитет, ќе се направи трансформација за квантитет. Па, ќе се формираат 5 нови универзитети со пет буџети. Ќе се назначат петмина нови ректори (докажани партијци), ќе се формираат 5 нови ректорски управи, ќе се изберат 5 нови сенати, 5 нови студентски парламенти, ќе се купат 5 нови ректорски мерцедеси, пет нови ректорски кабинети, сали... Многу нови трошоци, нови вработени и нови задоволни партиски војници. Значи, Шангајската листа е само повод, бидејќи далеку е Шангај од сфаќањето на реформите од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека сево ова се случува со високото образование, по дефиниција најучените и најмотивираните за напредокот на едно општество - професорите и студентите од универзитетската заедница - молчат. Првите молчат уплашени од власта поради максималната централизација на раководењето на универзитетите и евентуално губење на катедрите и привилегиите, односно губење на студентите поради постојаното свесно уназадување на државните универзитети за сметка на приватните. Молчат и поради конформизмот. Вторите молчат уплашени од професорите, но и од власта што тренираше строгост врз Архи бригада, Студентски индекс и други невладини организации. Дел молчат бидејќи им е добро уживајќи ги привилегиите на партиските книшки со лавче.
Така, додека малкуте кучиња во „селото Македонија“ лаат, големиот партизиран карван си поминува. Наместо да се вклучуваат алармните ѕвона и да се дебатира за огромниот пад на квалитетот на образованието, се наметнува измислената тема за Шангајската листа! |