ЕДИТОРИЈАЛ
Промашени притворски казни
Љубиша Станковиќ
Што се' не мина во изминативе неколку години низ судовите и затворите. Стотици и стотици приведени беа покажани пред камерите и беа видени од целокупната домашна јавност. Се изнагледавме „големи“ криминалци од серијалите наречени „Југ“ 1 и 2, „Пепел“ 1,2 и 3, „Босфор“ 1,2,3,4,5 и веројатно 6, потоа „Прилепски бомбаши“, „Јака табак“, и од поновите: „Изгрев“, „Албатрос“, „Метастаза“.
Единствени нешта што ги спојуваат сив овие случаи се помпезните приведувања, повеќемесечните притвори и за некои од нив долгогодишни затворски казни. Државата, а пред се', Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, преку овие случи што имаа „оперативни“ имиња сакаше да покаже колку е сериозна во борбата со организираниот криминал.
Но, едно беа намерите, а нешто сосема друго се случуваше во судниците на Кривичниот суд. Дел од судските постапки завршија со правосилни пресуди, а најголемиот дел од донесените пресуди беа укинати и вратени на повторно одлучување.
Токму кај овие, вториве, се случи и мерката притвор да добие свој крај и неколкумесечните „робувања“ во затворот во Шутка да бидат заменети со некоја друга, алтернативна мерка. А, кога говориме за притворот, отрезнувањето дојде пред само два дена со пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со која се констатира дека притворот што им бил одреден на 38 лица обвинети во случајот „Змиско око“ бил неоправдан или неоправдано бил продолжуван.
Токму судот во Стразбур ќе констатира дека со лесното одредување на мерката притвор се прекршувал членот 5 став 3 од правото на слобода и сигурност од Европската конвенција за човекови права.
Во натамошниот дел од пресудата на Европскиот суд за човекови права стои дека токму поради прекршувањето на правата на обвинетите-тужители сега Република Македонија ќе треба да им исплати по 2.000 евра.
Повеќе не е битно дали парите во висина од 76.000 евра ќе ги плати судот или Обвинителство, бидејќи тоа се пари на сите даночни обврзници во оваа држава, но многу е битно дали некој ќе сноси некаква одговорност за нанесената штета.
Сепак, она што треба многу повеќе да ја загрижи нашата држава се најавите за нови вакви тужби до судот во Стразбур, бидејќи никој не очекува домашните судови да донесат решенија со кои ќе им се плати секој минат ден во притвор. Односно, и овие пресуди ќе бидат проследени на „ревизија“ во Стразбур. Ова не значи дека во земјава немаме судови, туку дека никој веќе не верува во (праведна) одлука со која на неправедно притворените ќе им се попречи секој ден минат зад решетки, дека на тој износ ќе се налепат стресот, траумите, изгубеното здравје и работното место. Па, токму притворените од „Змиско око“ додека беа зад решетки останаа без работа, а на нивно место беа примени нови лица.
Пресудата на судот во Стразбур е сигнал за отрезнување: не мора секој приведен да заврши во притвор, кој ќе трае неограничено, бидејќи штетите ќе растат од ден на ден.
Опомената на Стразбур, иако е опомена, доаѓа со задоцнување! Судот повеќе нема начин да исправи некои притвори, кои, по барање на Обвинителство, ги изрекол иако бил свесен дека некои работи не држат.
Како сега да се оправда притворот за случајот „Јака табак“? Луѓето беа во притвор. Судскиот процес трае повеќе од три години. Се променија двајца судии, три пати почнува отпочеток, а тие редовно доаѓаат на секое судење, и тоа без исклучок. На крајот, некој од нив ќе побараат да се направи „финална пресметка“ за сето она што го преживувале во изминатите години.
И струшките браќа Миладинови, инаку бизнисмени по вокација, веројатно, ќе побараат некоја паричка за 20 месеци минати во затворот „Скопје“. Еве ги сега луѓето! Ниту бегаат некаде ниту го повторија делото, а не влијаат и врз сведоците. Крајно е време некој да се замисли и да се запраша кој ќе плати за промашени притворски казни! |