Бранко Наумовски нов претседател на Уставен суд
Некогашниот народен правобранител го презема кормилото на Уставен во исклучително турбулентен период
Гордана Дувњак
Бранко Наумовски е нов претседател на Уставен суд. Во експресно спроведената постапка што траеше помалку од еден час, тој вчера беше единствен кандидат за челната позиција, а гласањето заврши во еден круг.
На тајното гласање што се одвиваше зад затворени врати и само со присуство на деветмина уставни судии, Наумовски добил повеќе од потребниот број гласови - седум, а со двотретинско мнозинство се бараат шест гласа. По завршувањето на процедурата, уставните судии заминаа на заеднички ручек во една скопска кафеана. Првата изјава на новиот претседател, Бранко Наумовски, е најавена за понеделник, по официјалното примопредавање на функцијата на досегашниот прв човек, Трендафил Ивановски, кому тригодишниот мандат официјално му истекува на 1 ноември.
Првиот македонски омбудсман Наумовски, кој веќе шест години е уставен судија, е роден во 1951 година во кичевското село Букојчани. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1975 година, а по дипломирањето, истата година, се вработил како приправник во Основното јавно обвинителство во Скопје. По полагањето на правосудниот испит во 1977 година, па се' до 1980 година работи како стручен соработник во истото Обвинителство. Во 1980 година од Собранието на општините во Скопје е избран за заменик на основниот јавен обвинител во Скопје, функција што ја врши до 1987 година. Од 1987 до 1995 година во два мандата од Владата е именуван за помошник на министерот за правда.
Во 1995 година е именуван за директор на Државниот управен инспекторат, орган во состав на Министерството за правда. На 3 јули 1997 година, тогашното Собрание го избра за народен правобранител, а на оваа функција остана се' до изборот за уставен судија. Автор е на повеќе трудови објавени во списанијата: „Пенелошка мисла“, „Безбедност“, „Правник“, „Легитима“, како и во списанија на „Европскиот омбудсман институт“. Почесен член е на Здружението на омбудсмани на Република Италија.
Наумовски доаѓа на челното место во Уставен суд во исклучително турбулентен период за највисоката судска институција за оцена на уставноста и законитоста на актите. Уставен суд во последниве две години е изложен на континуирана хајка од владејачката структура, која го етикетираше како еден од главните кочничари на владините проекти. Затоа и не случајно, досегашниот претседател Ивановски на својот наследник му порача да биде подготвен на притисоци, бидејќи како рече „отсекогаш ги имало и ќе ги има“. |