Средби
Македонци со принцот на Јордан во Сочи
Седуммина млади од Македонија учествуваа на десетдневен конгрес на „Генерациите за мирот“
Горан Адамовски
Замислете, принцот од Јордан да Ви испрати повратна авионска карта до руското монденско летувалиште Сочи, каде што за две години ќе се одржат зимските Олимписки игри и таму да Ви обезбеди десетдневен престој во хотел со четири ѕвездички. Во меѓувреме, да се дружите со младите од целиот свет, да разговарате со принцот Фејсал и со неговата сопруга Сара, како и со високи руски функционери. Таква шанса добија седуммина млади од Македонија, активни во невладините о��ганизации низ земјата, кои по покана на јорданската НВО „Генерациите за мирот“ од први до 10 октомври учествуваа на конгресот во Сочи, чија цел беше спортот да ги доближи нациите.
Македонија беше дел од групата 11 земји (со БиХ, Србија, Туркменистан, Киргистан, Азербејџан, Нигерија, Ерменија, Русија, Украина, Белорусија) што учествуваа на конгресот.
„Се избираа држави со кризни подрачја, а нас не' одбраа поради воениот конфликт од 2001 година, како и поради спорот со Грција“, вели Александар Богоевски, претставникот на македонската група, во која беа и Билјана Римческа, Тина Насковска, Ѓорѓи Ивановски, Сања Ангеловска, Благодорна Апостоловска и Бранкица Спасовска. Како дел од македонската делегација беше и Киргистанката Јилдиз Сатарова, која студира во Скопје.
Да се стигне до Сочи не е ни малку лесен потфат. Авионски, рутата води преку Будимпешта и Москва.
„Откако ќе ги минете војничките прегледи на аеродромот, прво со што ќе се запознаете во Москва е скапотијата. За комбинација од метро и воз од аеродромот до центарот на градот ќе треба да платите 20 евра. Најобичен сувенир чини пет евра“, велат нашите претставници. Градот е чист и сообраќајно е одлично организиран. Метро минува на секои триесет секунди. Но, какво ли е чувството кај странците кога седнуваш да се возиш во подземната железница, кога само пред неколку месеци се случија серија терористички напади?
„Се' е најнормално, дури нема ниту особено полиција или обезбедување“, тврдат делегатите од Македонија.
Животот во Сочи, кој има околу 400.000 жители, е многу порелаксиран отколку во 14-милионската Москва. Дваесетина степени преку ден - мамка за капење во Црното Море. Туристи има, иако не многу и тоа, главно, Руси. Низ улиците доминираат странски џипови и руски „лади“. Средина нема. Но, мирисот на Олимпијадата се чувствува насекаде.
„Засилено се градат стадиони, спортски борилишта, хотели, патишта, ски-центри, жичарници. Најинтересно е што поголемиот дел од спортските објекти се подвижни, па по Олимпијадата, можат да се користат низ целата земја“, раскажува Богоевски.
Македонскиот стандард тешко минува и низ цените во Сочи: пет евра пијалак, 12 евра влез во дискотека, неприфатливи цени за нас и во маркетите.
А конгресот, кој чинеше половина милион долари и на кој учествуваа 58 делегати, тренери, новинари од Си-Ен-Ен, Би-Би-Си, универзитетски професори? „Набиена агенда. Претпладнето имавме тренинг - вежби, дебатиравме за меѓуетнички и национални спорови, а попладнето беше предвидено за спортски активности, односно играње софтбол, фудбал, кошарка и одбојка, но со изменети правила за да нема победник“, велат нашите делегати. Секако, штом се разговарало за спорови, неизбежна била и темата за името на нашата земја. Најпрво, нашите учесници биле пречекани под ФИРОМ, но, по реакцијата, домаќините ја поправиле грешката. Македонците добиле поддршка од речиси сите учесници на конгресот. И принцот од Јордан сакал да знае што има ново во спорот со Грција, а со него се дискутирало и за воениот конфликт од пред девет години. Средба со вистински принц и принцеза - тоа мора да е добар филм...
„Принцот Фејсал се однесува како најобичен човек, ептен е „искулиран“ и непосреден, облечен во костум или, пак, само во панталони и кошула, одлично зборува англиски. И принцезата Сара, која му е втора сопруга, остава сличен впечаток“, ги пренесува Богоевски своите впечатоци од средбата што, како што вели, ќе ја памети цел живот.
Нашите делегати покажале иницијатива идниот ваков конгрес да се реализира во Македонија. Којзнае, можеби в година на „Александар Велики“ ќе слетаат принц и принцеза... |