09.11.2012, 12:54 Македонија интензивно се подготвува за „Јужен тек“
Во тек се подготовки околу потпишување на договор меѓу владите на Македонија и Русија, а останува на Владата да ја направи финансиската конструкција за гасификацијата
Од нашиот известувач Маја Томиќ
Москва - „Подготовките околу проектот за гасификација на Македонија течат многу професионално. Македонската Влада има подготвено добра програма за гасификација на земјата дури за наредните 35 години. Но, таа ќе се одвива чекор по чекор, фаза по фаза се' додека не се гасифицира целата земја. На самата Влада останува да ги донесе неопходните законски прописи. Кога ќе биде целосно завршена гасификацијата ќе зависи од расположливите средства што треба да ги обезбеди Владата, односно таа треба да ја направи финансиската конструкција и да ги најде потребните пари“.
Ова го истакна на вчерашната прес-конференција Леонид Чуганов, главен директор за проектот „Јужен тек“ во „Газпром“.
„Не би можел во оваа фаза да дадам прецизни рокови кога ќе почне и кога ќе заврши гасификацијата во Македонија, но во тек се активните подготовки околу потпишување договор меѓу владите на Македонија и Русија. Ние веќе ја добивме верзијата од македонската Влада која интензивно соработува со руското Министерство за енергетика, кое е надлежно за реализација на проектот ’Јужен тек‘“, изјави Чуганов.
Според Сергеј Купријанов, портпарол на „Газпром“, во Македонија и во Грција нема да се градат нови капацитети, туку овие држави ќе се поврзат со „Јужен тек“ со крак преку постојниот систем од Бугарија или од Србија. Тој додаде дека се интензивни подготовките околу проектот и тече решавањето на законската регулатива со Европската унија, односно потпишувањето посебни договори меѓу Русија и земјите од ЕУ кои ќе го дефинираат статусот на овој транснационален проект.
„Во моментов во Варна, Бугарија, течат теренските истражувања, како и тендерите за набавка на цевки и главен изведувач на проектот кој ќе биде во должина од 1.455 километри. Прво ќе почне да се гради морскиот дел на гасоводот и крајбрежните објекти, а потоа ќе почне изградбата на копнениот дел со микротунели од морето. Бугарија и Унгарија веќе се понапред бидејќи веќе ја имаат донесено потребната законска регулатива за ’Јужен тек’, а во ноември тоа треба да биде завршено во Србија, а подоцна и во Словенија. До 15 ноември треба да се потпише меѓувладин договор со Словенија и со Бугарија. Додека во Србија кон крајот на декември ќе биде ставен камен- темелник на компресорската станица во близина со границата со Унгарија“, нагласи Купријанов.
Тој додаде дека меѓудржавните договори гарантираат безбедност и навремена снабденост на земјите со гас, а посилната страна на овој проект е што во него ќе бидат вклучени и многу други реномирани европски компании, кои ќе партиципираат на различни начини.
Инаку, целиот проект за гасификација на Македонија се цени на околу 300 милиони евра, иако експертските математики велат дека ќе требаат најмалку половина милијарда евра. Засега се сигурни само парите за првата фаза, а тоа се 75 милиони долари, од кои 60 милиони долари се клириншкиот долг од Русија, а 15 милиони долари од буџетот. Министерот за финансии Зоран Ставрески во неколку наврати нагласи дека првата фаза од гасификацијата подразбира изградба на магистралниот гасовод Клечовце - Штип - Неготино - Кавадарци. Владата се надева дека наскоро на сметка ќе легнат и средства од европски финансиери. Уште пред три години Европската инвестициска банка како и Европската банка за обнова и развој изразија спремност да кредитираат проекти во инфраструктурата, вклучувајќи ја тука и гасификацијата.
Јужен тек ќе чини околу 10 милијарди евра
Изградбата на Јужен тек треба да започне во декември, годинава, а да заврши на крајот од 2013 или почетокот на 2014 година, од 2015 до 2016 година да почне испораката на гасот, а во 2019 година да го достигне максималниот капацитет на искористеност. Според сегашните проценки, морскиот дел од „Јужен тек“ ќе чини 10 милијарди евра, а изградбата на копнениот дел 6 милијарди евра. Само вредноста на делницата во Бугарија се проценува на 3,2 милијарди евра, во Србија 1,7 милијарди евр�� и во Словенија една милијарда евра. Гасоводот ќе поминува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а соседните земји ќе се приклучуваат со посебни краци. Капацитетот на гасоводот е дизајниран на 63 милијарди кубни метри гас годишно.
|