29.08.2012, 17:36 Никој нема се спаси од полициската евиденција?
Со новите измени во Законот за полиција, и да ви побараат лична карта на улица, веднаш станувате дел од базата на податоци во МВР
Доколку и само еднаш влезете во Собранието, Владата, некое од министерствата или во објекти што ги обезбедува полицијата и врши проверка на идентитет на самиот влез – веднаш станувате дел од полициските бази на податоци. Од полициската евиденција нема да куртулите ниту доколку некој полицаец реши да направи службена белешка за вас, ако отвори досие за вас или, пак, доколку имате несреќен случај на работа. Во базата на МВР веднаш ќе влезете и доколку некој полицаец некогаш ви побара лична карта, или пак ако решите да се пожалите до полицијата.
Ова се дел од предложените измени на Законот за полиција, кои се во фаза на прво читање во Собранието. Така член 69 се менува и со него се предвидува полицијата да води евиденции за лица на кои по која било основа им е ограничена слободата на движење, за оние за кои постојат основи за сомневање дека се сторители на кривични дела или прекршоци, како и за поднесени кривични пријави против познат и непознат сторител.
Во полициската евиденција ќе влезат и сторители на кривични дела и прекршоци, оние за кои постои досие, лица и предмети по кои се трага, како и за лица на кои им е забранет влез во земјава. Евиденција ќе се врши и за извршени самоубиства, несреќни случаи и несреќни случаи при работа, за лица на кои им е извршена проверка на идентитетот, како и за дактилоскопирани, фотографирани лица и лица за кои е направена ДНК-анализа.
Во полициската база ќе влезат и сите оние кои биле дел од криминалистички истражувања, контроли, обработки и акции, сообраќајни ��езгоди, кои поднеле некаква поплака или преставка против полициски службеник, или пак била извршена безбедносна проверка врз нив, но и проверка на идентитет при влез во објекти што ги обезбедуваат полицајци.
Се предлагаат и измени на член 42, според кој „полицискиот службеник собира информации во непосредни разговори со граѓани во врска со казниви дела кога постојат основи на сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е извршено казниво дело, а постои основано верување дека граѓанинот има сознание во врска со тоа дело. Граѓанинот не е должен да ги даде бараните информации на полицискиот службеник.
„Ако со откривањето на идентитетот на граѓанинот од кој се собрани информации, истиот или друг граѓанин се изложи на сериозна опасност по животот, телесниот интегритет, здравјето, или имотот, полицискиот службеник е должен да преземе мерки за прикривање на идентитетот на тој граѓанин. За преземените мерки полицискиот службеник е должен веднаш да го извести непосредниот раководен работник“, се наведува во измените.
Исто така, ако постојат основи на сомневање дека е сторено ��ривично дело кое се гони по службена должност или се подготвува негово сторување, а полицијата тоа дело не може поинаку да го открие, спречи или докаже, полицајците можат да собираат информации од граѓанин како прикриени извори на податоци. Тоа го прави по налог на јавниот обвинител или судот во согласност со закон.
Дел од експертите изразуваат загриженост бидејќи никаде во измените на законот нема заштитна клаузула од идна лустрација. Со тоа сите оние што дале некаква информација на полицијата за извршено кривично дело, се доведуваат во опасност да бидат лустрирани доколку биде донесен нов закон, кој би важел до моментот на неговото донесување.
Професорот Гордан Калајџиев вели дека е неопходна стручна расправа за измените во Законот за полиција, кои се носат како нужност поради усогласување со Законот за кривична постапка.
„Стручна расправа за законот досега не е водена, а се работи за полициски овластувања кои задираат во основните човекови права загарантирани со Уставот. Целата постапка се води многу затворено, но се надеваме дека наскоро ќе можеме да поразговараме за сите спорни точки од измените на Законот“, вели тој. (Д.Т.) |