29.08.2012, 16:24 Депресија ќе откриваат матичните лекари
Велес - Приватните лекари од наредната година ќе можат рано да откриваат и да спречуваат депресија, а кај децата ќе откриваат зголемен крвен притисок. Оваа нова, дополнителна дејност избраните матични лекари ќе ја добијат на свое барање, откако Здружението на приватни лекари констатирало дека пациентите најмногу се жалат на депресија, а предлогот го прифатиле и Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Затоа, пак, примарното здравство нема да работи систематски прегледи кај бебиња, утврдување рамно стапало кај децата и деформитет на ’рбетен столб.
„Според патологијата на болестите и статистиката, се менуваат и целите во здравството. Депресијата е нова појава која во Македонија ја има кај возрасната и средната популација. Таа се рефлектира со прекумерно користење лекови и преку посета на специјализирани здравствени институции. Се согласивме со матичните лекари да воведеме превентивни прегледи и за бубрежна слабост на возрасните, за рано откривање на дијабетесот и навремено откривање на хипертензијата кај децата, што е нова појава“, рече Маја Парнаџиева-Змејкова, директор на Фондот за здравство, по вчерашната средба со лекарите во Велес
Надополнувањето на превентивните прегледите кои ги прават матичните лекари е со цел да се елиминираат тие што се поклопуваат со јавното здравство. Овие промени се воведуваат врз основа на приоритетните болести и оптовареноста со болести во државата.
„Увидовме дека депресијата прави проблем кај младите и ја воведовме кај матичните лекари за да се елиминира или да се спречи. Прегледите кои се вршат кај матични лекари, како што се систематски преглед кај бебиња или деформитет на ’рбетен столб одат во јавното здравство, бидејќи се преклопуваат со превентивните тимови кои функционираат во Здравствените домови“, рече д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство.
На тројната средба се разговарало само за превенцијата, па приватните доктори не можеле да ги постават прашањата за проблемите со кои тие се судираат во секојдневната работа, а се од административен карактер. (П.П.) |