29.08.2012, 16:21 Или визбите да го платат ланското грозје или протести
Лозарите им дадоа рок на визбите до 6 септември да си ги намират долговите, во спротивно на 10 септември ќе има масовни протести
Ангел Данов
Кавадарци - Винарските визби кои се' уште им должат на лозарите за грозјето купено во изминатите години имаат рок до 6 септември да го исплатат откупот во целост, во спротивно, производителите на 10 септември ќе почнат масовни протести поддржани од локалните самоуправи на тиквешките општини. Ова е еден од заклучоците кои ги усвои Советот на Општина Кавадарци. Во насока на поддршка на лозарите договорено е заедничко дејствување на советите на Кавадарци и на Неготино.
Кавадарци ќе обезбеди и баждарена вага, која ќе можат да ја користат лозарите кои се сомневаат дека визбите им крадат од тежината на родот, по што ќе им бидат издавани потврди со вистинската тежина. Двете општини инсистираат да се дефинираат откупните цени за годинешниот род на лозјата, грозјето да се плаќа според сортата, а не со проста поделба на црно и бело. Се бара целосна исплата на ланската реколта, а да се забрза бербата на грозјето од оваа реколта поради сушата, целосно да се почитува законот за откуп на земјоделски производи и да се намали водниот надомест поради климатските промени кои однесоа дел од родот.
Исто така, да биде дозволен слободен извоз на винско грозје, а градоначалниците на двете општини, претседателите на советите и претставници на лозарите во најкраток рок да остварат средба со ресорното министерство.
За оваа откупна сезона беше презентиран и ценовник кој го бараат лозарите според кој за килограм „шардоне“ со 22 шеќерни единици треба да се плаќаат 21,50 денари, колку и за „бел бургундец“ со 22 шеќерни единици, а за „црн бургундец“ со 22 шеќерни единици 17,90 денари. 23,50 денари да се плаќаат за килограм „кабарне совињон“ со 22 шеќерни единици, 22,50 денари за килограм „мерло“ со 24 единици на шеќер, а за „рајски ризлинг“ со 20 шеќерни единици да се плаќа по 18,60 денари. Најмасовно застапените сорти, „кратошија“ со 20 шеќерни единици да се откупува по 18,60 денари килограм, а „смедеревка“ со 18 шеќерни единици 10,50 денари, а за секоја шеќерна единица да се доплаќа по 37 дени.
На седницата на кавадаречкиот совет можеа да се слушнат повеќе дискусии за надминување на проблемот во лозарството. Беше речено дека ароганцијата на визбите е главна причина за катастрофата. За советниците е нејасно зошто домашните винарници објавија откупни цени далеку пониски од тоа што го бараат лозарите, особено во моменти кога нашите соседи немаат грозје, бидејќи мразот го обра родот предвреме.
„Домашните визби направија атак со објавувањето на цените. Странските визби кои се заинтересирани за македонското грозје и да мислеле да платат повеќе, сега ќе го следат нивниот пример“, рече претседателот на Советот на Кавадарци, Илија Тренчев.
Советникот Бетиане Китев рече дека поради хаосот кој со години владее во овој сектор драстично се намалени површините со лозови насади, тренд кој ќе продолжи и натаму. Китев, како еден од начините да се зголеми потрошувачката на вино во земјава побара Владата да ја ревидира одлуката за забранета продажба на алкохолни пијалаци по 19, односно 21 часот, бидејќи тоа придонело да се намали продажбата на виното.
„Одредени визби како да се платени да вршат геноцид врз македонската економија“, изрази сомневање советникот Ташо Радњански, кој правеше анализа на откупните цени на грозјето кои ги диктира пазарното стопанство на нашите соседи. Според него, единствено во Македонија грозјето се купува по понижувачки цени.
Се претпоставува дека соседниот пазар може да собере 70 отсто од вкупното производство на грозје во Македонија. Веќе има извоз на висококвалитетни сорти „шардоне“, „темјаника“ и „ризлинг“ во Хрватска, Албанија, Словачка, Чешка, а има најави за извоз и во Украина, каде што грозјето се пласира по повисоки цени.
„Повардарие“ ќе исплати 1,3 милиони евра
Винарската визба „Повардарие“ најдоцна до утре ќе исплати 1,3 милиони евра, долг што го има кон лозарите за родот што го откупи лани. Ова им било ветено на градоначалниците на Неготино и на Демир Капија, Пане Трајков и Трајче Димитриев, и на претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Илија Тренчев, кои вчера се сретнаа со вицепремиерот Владимир Пешевски.
На средбата бил постигнат договор „смедеревката“ да се откупува по 10 денари за килограм, а „вранец - кратошија“ по 12 денари за килограм. Исто така, било разговарано и за тоа Владата да го либерализира извозот на грозјето со цел да се амортизира притисокот врз лозарите, но и да се активира конкуренцијата, бидејќи годинава во Македонија има грозје што го бараат и визбите од регионот. (А.Д.) |