01.09.2012, 16:03 Китев: Ќе го направам Кавадарци пристојно место за живеење
СДСМ викендов е во општина Кавадарци, каде денеска го промовира кандидатот за градоначалник Бетиан Китев
- Се наоѓаме во непосредна близина на дел од магистралниот пат во близина на хидросистемот за наводнување изграден во време на СДСМ. Ја избравме оваа локација за промовирање на нашиот кандидат за градоначалник на Кавадарци Бетиан Китев за да потсетиме дека во наше време овде се инвестираше, рече претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски на денешната прес-конференција во Кавадарци.
Во време кога владата ја предводеше СДСМ, нагласи, се инвестираше во магистрални патишта, нивно проширување и изградба, се инвестираше во пумпните станици, проширување на мрежата за наводнување,...
- Се инвестираше, меѓутоа во основната инфраструктура, во енергетиката, во водоводната мрежа, бидејќи тоа се инвестиции од кои граѓаните ќе имаат корист, а ќе имаат корист и идните генерации, рече Црвенковски.
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци Бетиан Китев вети дека ќе го направи Кавадарци пристојно место за живеење.
- Кавадарци заслужува и може повеќе и подобро. Ќе доведам гас за домаќинставата и за индустријата и училиштата. Гасификацијата не е само желба туку приоритет за развој на општина Кавадарци, рече Китев.
Покрај гасификацијата вети и изградба на индустриската зона, нов и модерен зелен пазар, катна гаража во централното градско подрачје, решавање на водоснабдувањето, промоција и афирмација на тиквешкото вино и грозје, враќање на сјајот на манифестацијата Тиквешки гроздобер подобрување на условите за живот во селата и развојот на туризмот.
|