02.09.2012, 14:51 Проверка на научните трудови преку база за плагијати
Министерството за образование и наука ќе формира две нови бази - за доктроски студии и база за проверка на плагијати на магистерски, специјалистички стручни трудови и семинарски работи. Тоа е овозможено со последните измени на Законот за научно-истражувачка дејност усвоени во јуни.
Првата база ќе се води на веб-порталот nauka.mon.gov.mk, а втората на порталот plagijati.mon.gov.mk. Тие ќе содржат податоци за авторот на трудот, установата на која е запишан и за темата на трудот.
- Целта е да се обезбеди јавност во научната работа на научните и стручните кадри, како и квалитетни и научно докажани изворни докторски и магистерски трудови. Се обезбедува и широка достапност на научните области во кои се истражува во Република Македонија, споредливост на научно-истражувачката работа на меѓународно ниво. Овие бази ќе придонесат и за планирање на развој на научните области и нивно насочување за општиот стопански и демократски развој. Покрај ова, се обезбедува и развој на етичноста во научното истражување, рече министерот Панче Кралев на прес-конференција.
Веб-порталите Плагијати.мк и Наука.мк веќе функционираат и имаат корисници. Како што информираше Кралев, на порталот nauka.mon.gov.mk се внесени 57 биографии со комплетни податоци за научници, 44 истражувачки и инженерски проекти и 114 библиографски единици. Системот рlagijati.mon.gov.mk, пак, има 549 регистрирани корисници и таму се прикачени 226 документи од корисници.
На прес-конференцијата присуствуваше и Нинослав Марина, кој од неодамна е ректор на најмладиот државен универзитет во Македонија - за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Тој рече дека во институцијата што ја раководи ќе има многу истражувачка работа, а особено ќе се заложи да нема појава на плагијати и оти ќе биде нетолерантен во таков случај. |