01.09.2012, 13:25 Десет активни пожари низ Македонија
До 11.30 часот низ Македонија се регистрирани десет активни пожари, информираше Дирекцијата за заштита и спасување.
Според најновите информации од терен, активни се пожарите во село Волче, место викано Црквица на падините на Сува Гора (општина Македонски Брод), кај селата Костин Дол и Полаќи кон Вранинци (општина Кочани), кај селото Горно Јаболчиште во место викано Кривул, кај селата Дуње и Горно Јаболчиште, селото Ораше на место викано Орашка Чука и кај селото Богомила (општина Чашка), кај селото Радуч на планината Јабланица (општина Струга), кај селата Добровени и Совиќ (општина Новаци) и помеѓу селата Коњско и Хума на место викано Оков Рид (општина Гевгелија), каде пожарот е активен, но е под контрола.
Пожарот кај струшкото село Радуч на планината Јабланица се шири кон страната на општина Дебар. Пожарот е избувнат на надморска височина од 1.800 метри на непристапен терен.
Пожарот во Националниот парк „Јасен“ кој се појави на 20 август е се уште активен. Зафатена е мешана шума и во неговото гаснење се ангажирани 55 лица од Дирекцијата за заштита и спасување, шест лица од Територијалната противпожарна единица и 10 лица од јавни претпријатија.
Активен е и пожарот во општина Јегуновце кај селото Вратница кон Беловиште со кој е зафатена високостеблеста шума и бука на напристапен терен.
Како што информира ДЗС, изгаснати се пожарите во општина Сопиште кај селата Патишка Река и Дражилово, општина Студеничани кај селото Рамни Габер и селото Вражале во општина Зелениково, во општина Гостивар кај селата Лакавица и Митрови Крсти, општина Прилеп кај селото Царевиќ на место викано Мајнов Дол, како и во општина Зајас помеѓу селата Зајас и Горно Строгомиште. Изгаснати се и пожарите во општина Куманово кај селата Сопот и Карабичане и во општина Сарај кај селото Рашче.
|