02.09.2012, 14:27 Кралев: Преименување училишта без согласност на МОН е спротивно на законот
Четири основни училишта во Чаир утре ќе ја почнат учебната година преименувани без согласност на Министерството за образование и наука. Министерот Панче Кралев денеска го повтори ставот од вчера дека ставањето табли со нови имиња на училиштата и менување на нивниот статут без одобрение од МОН е спротивно на законот. Рече дека инспекторите се на терен и доколку фактичката состојба утврди потреба ќе има и казни и корективни мерки.
- Тоа ќе биде изречено во следните денови и ќе има рок за постапување кој ќе им биде даден на директорите на училиштата. Законот предвидува казни за правниот субјект и за директорот на училиштето, рече Кралев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во МОН.
Општина Чаир доставила барање до МОН за преименување на основните „Јане Сандански“, „Рајко Жинзифов“, „Никола Вапцаров“ и „Цветан Димов“ во „Јашар-бег“, „Исмаил Ќемали“, „Имри Елези“ и „Хасан Приштина“, но од министерството не добила одобрение за измени на статутот на училиштето.
- Фактот што досега не е одговорено не значи автоматизам, ниту пак некаде во законот е пропишано дека сам по себе одговорот е позитивен, рече Кралев.
Во врска со ова тој вчера при посетата на Тетово појасни дека за добивање согласнот за промена на статутот има правен дел и оценка на целисходноста на постапката и за тоа е потребно одредено време. Соопшти дека во Министертвото има над 200 барања за промена на статут на училишта низ државата за што се потребни неколку месеци да се дадат забелешки, одобрение или да се одбие промената на статутот. |