02.09.2012, 15:58 СДСМ со митинг во Кавадарци ќе го промовира кандидатот за градоначалник
Бетиан Китев рече дека ако биде избран ќе работи посветено и интензивно за да го реализира ветеното и да им го подобри животот на кавадарчани
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ Бетиан Китев денеска на прес-конференција рече дека ако биде избран ќе работи посветено и интензивно за да го реализира ветеното и да им го подобри животот на своите сограѓани.
- Пред се ќе се насочиме да ја направиме работата на лозарите и овоштарите и воопшто на земјоделците попристојна и полесна. Ќе го вратиме вложувањето во енергетиката и во инфраструктурата и ќе се обидеме да створиме услови за рестартирање на запуштените индустриски објекти. По примерот на Струмица и Куманово, ќе го воведеме гасот како основен енергенс за потребите на граѓаните, општината, но и на индустријата. Ќе ги подобриме условите за бизнис и со тоа ќе привлечеме домашни и странски инвеститори, кои ќе обезбедат нови работни места, а со тоа и подобар живот за моите сограѓани, рече Китев на прес-конференција.
Неговата кандидатура ќе биде официјализирана вечерва на митинг на градскиот плоштад во Кавадарци, под мото „Крени глас за иднината“.
Потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев изјави дека вчера и денеска посетиле повеќе места во Кавадарци, месни организации, приградски населби, села и населените места Ресава, Ваташа, Сопот, Конопница.
- За нова енергија на овој град, кој навистина живее во сиромаштија, предлагаме млад човек, ентузијаст, кој што притоа има искуство како четири години советник во Советот на општина Кавадарци и јас сум длабоко убеден дека тој со неговата енергија и знаење што ќе ги внесе, ќе биде идниот градоначалник на општина Кавадарци, рече Георгиев. |