31.08.2012, 20:48 Груевски на изборната конвенција на Републиканците
Премиерот Никола Груевски присуствуваше на изборната конвенција на Републиканската партија, во градот Тампа, САД, на која Мит Ромни ја прифати номинацијата за кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави на претстојните претседателски избори.
Во рамките на организираната конвенција, премиерот Груевски присуствуваше и на состанокот на Меѓународната демократска унија, политичка организација која ги обединува десните и десно-центристичките партии на светско ниво, и во која членуваат над 80 политички партии меѓу кои и Републиканската партија на САД, Конзервативно демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел, Конзервативната партија на британскиот премиер Дејвид Камерон и други.
Премиерот Груевски, како што информира Владината прес-служба, оствари средби со повеќе политички претставници присутни на конвенцијата, меѓу кои и со претседателот на Меѓународната демократска унија, и поранешен премиер на Австралија, Џон Хауард, генералниот секретар на Унијата, Ерик Моен, со домаќинот на состанокот американскиот конгресмен Роберт Алдерхолт, со бароницата Саида Варси копретседавачка на Конзервативната партија на Велика Британија, со извршниот директор на Меѓународниот републикански институт Лорн Крејнер и претседателот на Институтот за Европа, Јан Суротчак.
На средбите претседателот на македонската Влада ги запозна своите соговорници со реформските процеси кои Владата на Република Македонија ги презема, на домашен план, и на планот на европски и евро-атлантски интеграции на нашата земја за членство во Европската Унија и НАТО.
Претседателот на Владата Груевски присуствуваше и на обраќањето на претседателскиот кандидат Мит Ромни по неговото прифаќање на номинацијата на Републиканската партија.
|